Дела од три генерации Ташковски ќе бидат изложени во МАНУ

Ристо Ристовски, Васко Ташковски и Лара Ташковска, три генерации уметници ќе ги изложат своите дела во галеријата на Македонската академија на науките и уметностите на 11 април во 19 часот. Ристо Ристовски е роден 1912 година во битолското село Нижополе. До јули 1928 година. се занимава со земјоделие, а од август истата година учи шеќерџиски занает во Скопје во бонбонџиската работилница „Европа“. Со сликарство активно се занимава од септември 1976 до јуни 1982 година. Во тој период насликал 314 слики во техника темпера. Отворил самостојни изложби во Скопје, Охрид, Светозарево и во Битола, а учествивал на групни изложби во Кавадарци, Гевгелија, Куманово, Скопје.

Васко Ташковски е син на Ристо Ристовски. Роден е на 31 август 1937 година во Нижополе, Битола. Средно уметничко училиште завршува во Скопје во 1958 година. Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1964 година. Од 1966 до 1991 година работи како сценограф во Македонската телевизија. Покрај сликањето во маслена техника работи и акварел, цртежи и графика. Има реализирано над 52 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои Награда на СУБНОР „4 Јули“, Белград (1977), Октомвриска награда на СР Македонија, Скопје (1978), Медал на трудот од Претседателството на СФРЈ. Белград (1980) и др. Во 1994 година станува дописен член во МАНУ.

Ташковски е единствен македонски автор кој е претставен во едицијата „Сликари на фантазијата – од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали“ издание на „Федон“ од 1974 година. Само двајца автори од Југославија биле застапени во книгата. Движејќи се од првичните асоцијативни надреални мистериозни пејзажи кои се дехуманизирани, замислени како метафизичка пустош по катастрофа, преминува кон научно-фантастични многузначни вселенски мистерии на психолошката потсвест. Опсесијата со блиското и далечното минато и пророчкиот однос кон иднината се врзува со темата човек во градот, пустошот и пејзажот, односно неговиот ангажиран однос и влијание врз природата.

„Сликарската визија на Ташковски се фокусира на човековите излети во космосот, мечтаењата и визијата, бегството од невротичното време во замислени тродимензионални пејзажи најчесто со широк отворен хоризонт со небо и земја во позадината, додека во прв план се поставени структури налик на урнатини, стари храмови, лебдечки егзотични вегетациски оази, во комбинација со биолошко-техницизирани механички структури“, вели Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија на Македонија.

Насликал околу 1.000 слики во маслена техника, над 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, а понатаму и графики, сценографии и над 12.000 секојдневно дисциплинирано изработувани идејни скици.

Лара Ташковска е трета генерација сликари во семејството, по деда си Ристо Ристовски и татка си, Васко Ташковски. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот сликарство. Таа е македонска современа ликовна уметница која работи во техниките масло, акрил и акварел.

Сподели