МАИ го распиша 8. конкурс за наградите на Саем на книга

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) по 8. пат за време на Саемот на книгата, ќе ги додели наградите на МАИ. На Саемот, кој ќе се одржи од 18 до 24 април, МАИ ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го одбележаа периодот од саемот минатата година до овогодишниот саем (мај 2023 – април 2024 година). Поканата за учество на конкурсот за наградите на МАИ е отворена за сите издавачи од Македонија кои можат да конкурираат со своите најдобри изданија, автори и проекти во следниве категории:

(1) Признание за најдобра едиција;

(2) Признание за најдобар дизајн на корица;

(3) Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание;

(4) Признание за најдобра книга за деца;

(5) Признание за автор на годината;

(6) Признание за најкреативно издание;

(7) Признание за поттикнување на општествена одговорност и

(8) Специјално признание за промотор на читачката култура.

– Македонската асоцијација на издавачи со наградите и оваа година ќе им оддаде признание на оние што оствариле највисоки уметнички, креативни и културни резултати во сферата на издаваштвото, како и патоказ на читателите за најзначајните книги од изминатата година што треба да ги имаат во своите библиотеки – вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.

За наградите на МАИ ќе одлучува независна комисија во која членуваат: Николина Андова-Шопова, писателка, добитничка на наградата Роман на годината,Биљана Стојановска, поетеса и новинарка и Ива Јованова, графичка дизајнерка. Издавачите што сакаат да конкурираат, документот за апликација можат да го побараат на електронската пошта sekretar@mai.org.mk. Крајниот рок за испраќање на апликациите е 10 април, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 19 април, во рамките на Саемот на книгата.

Сподели