На овој театарски празник се слави театарската уметност, се прави осврт на достигнувањата, се укажува на пропустите, се посочува на идните планови. Со задоволство се зборува за минатото и се отвораат приказните за театарските великани на кои им се оддава должна почит – истакна директорката Викторија Рангелова Петровска на синоќешната свеченост во Драмски театар во Скопје. Таа во своето обраќање пред присутните потсети дека на 5 декември 1928 година, на адреса „Орце Николов“ број 124 во Скопје е роден Ристо Стефановски. На 22 април 1957 година се раѓа идејата Ристо Стефановски да биде назначен за директор на тогаш именуваниот Куклени театар, подоцна преименуван во Младинско–детски театар и сосема на крај, повторно преименуван во денес добро познатиот Драмски театар Скопје. Стефановски останува да раководи со театарот повеќе од 25 години.

– Тој ја отвора вратата, го зацртува патот, ја создава основата и низ годините ги води најголемите премрежја, борби и победи на Драмски театар. Најистакнатите македонски театарски режисери, драмски автори, актери и останатите креативни чинители, ќе имаа понеизвесен пат во градењето на професионалната кариера доколку не добиваа отворени можности од страна на Стефановски. Оттука тој не работеше само за растењето на Драмски театар, туку дејствуваше во целокупниот културен растеж на државата, вели Рангелова-Петровска.
Неговата визија, умешност и сеопфатна посветеност им овозможи на соработниците и вработените во Драмски, по секој постигнат успех да зрачат со неподнослива гордост и оправдана ароганција. Стефановски успеа вредносните критериуми да ги постави високо на скалата и никогаш не отстапи од нив. Тој имаше свој правилник за успех по кој мора да се деjствува:
- Паметно осмислена репертоарна политика;
- Афирмација на македонски драмски автори и режисери;
- Отворен простор за младите и нивната младешка театарска визија;
- Да се биде актер на Драмски може само доколку и само доколку сте подобар од најдобрите;
- Да се биде човек со секој еден, а суетата, доколку е можно, да се потисне во џеб;
- Рамнодушноста, мрзеливоста, отсуството на работна дисциплина и предавање на започнатата борба се неприфатливи состојби.
Рангелова-Петровска истакна дека следејќи ги овие правила секогаш беше десет чекори понапред од останатите. Успехот на Драмски под негово раководство, за останатите театри беше провокација за натпревар. Се обидуваа да го стигнат, но никогаш не успеаја да го престигнат. Во еден од неговите дневниците ќе запише: „Успешно се справував со ситуациите, искрено и чесно работев. Се обидуваа да ми прикачат нешто, нешто што би ме компромитирало, нешто што би ме спречило да продолжам да работам. Сите сакаа да ми најдат нешто со што би ме држеле во рака, но немаше рачка за која би се фатиле, па ме оставија некое време.“ Денес, некои од нашите колеги од другите театри на шега го нарекуваат Драмски „домаќински театар“. И домаќинлукот му го должиме на Ристо, тој/тоа е седмото правило од прирачникот за успех.

Неговата љубов кон овој театарски простор и место во кое слободно се дише и без кое не се може, зачудно се пренесува на секој кој станува дел од колективот. Неверојатно, но вистинито. Ристо Стефановски е дел од нашата колективна меморија, особено кај оние кои ја имаа таа радост да соработуваат со него и да го познаваат, но приказната за него треба да биде дел и од сознанието на генерациите кои доаѓаат.
Свеченоста по повод Светскиот ден на театрите продолжи со промоција на монографското издание „Ристо Стефановски“. Промоторката на монографијата Искра Гешовска истакна:
– Ние сме култура на заборавот. Да се памети, во една култура како нашава која интензивно подлежи на заборав, е скапоцено. Со оваа монографија и со одлуката за именување на големата сцена на Драмски театар со името на неговиот основач и стратег, Ристо Стефановски, се пркоси токму на културата на заборавот. Во историјата на човештвото, именувањето е еден од клучните колективни и интимни гестови. Именувањето на човекот при неговото раѓање, именувањето на колективот, на топонимите, на државите, на организациите, на заедниците би требало да значи проѕирна мембрана помеѓу формата и содржината, помеѓу личноста и нејзините карактеристики, помеѓу вредносните вертикали и нивните создавачи, помеѓу отпорот и подаништвото, помеѓу праведното и неправедното, помеѓу животот и смртта – вели Гешоска.
Со ова монографско издание за Ристо Стефановски, како и со именувањето на големата сцена на театарот се покажува дека не само што има јадра кои пркосат на оваа доминантна култура на заборавот, туку и дека постои јасно проникнување во втемелувањето на она што значи императивна вредносна вертикала. Монографското издание внимателно уредено од Александра Бошковска, е важен придонес кон аргументацијата за историското значење на Ристо Стефановски не само за Драмскиот театар, туку за историјата на современиот театар. Во него се поместени делови од неговите дневничк записи, делови од рефлексиите на колешките и колегите, соработничките и соработниците на Стефановски, хронолошки и биографски единици и факти поврзани со целокупната дејност на Стефановски. Станува збор за концентриран, систематично сублимен преглед, или ако сакате резиме, на еден столб во македонската современа култура.
Без никаква заддршка, можам да кажам дека Ристо Стефановски е епистемолошка иприменета историска мапа на Драмскиот театар, но и на театарот воопшто. Преку анализа на неговите императиви постапки во организациска и во репертоарна смисла, може да се каже дека Стефановски сѐ уште е еден од најпрогресивните стратези на театарската институционална форма, кој стимулираше експерименталните текстови и автори.
Слободан Унковски во својот комеморативен запис за Стефановски вели: се бореше да отвори простор за новата уметност, за новиот пристап во актерската игра, режија и особено домашна драма за да се почувствува модерноста и на овие простори.
Ристо Стефановски е повеќе од директор на една институција – тој е трагач по нови форми, нови имиња, нов пристап. Воедно, неверојатен мајстор да остане секогаш наспроти, а длабоко вкотвен.
Стефановски сметаше дека медиокритетсвото во овој „како што често го нарекуваше, општествен жабурник“ е најголемата казна, најопасното оружје за владение на некадарните. Тој вели: „медиокритетите не сакаа здрав систем. Пратеници не стануваа најдобрите, за амбасадори не одеа најдобри те, туку одеа покорните. Одеа оние со навед ната глава, оние што беа врзани во некаков синџир. Слободните стрелци секаде беа игнорирани. Некадарните се врзуваат, кадарните не се врзуваат. Тие си ги знаат вредностите и се борат за нив. Медиокритетите го расипаа кантарот.“
Неговите визии за финансирање во културата се критички. И не гледам дека до ден денешен нешто е променето. Неговите ставови за јавната администрација и до денес се актуелни. Во тој контекст би сакала да споделам дел од неговите искази поместени во монографијат. Стефановски вели:
„Зградите не го прават театарот… Никогаш зградата на театарот не ги правела претставите. Луѓето ги правеле претставите. Театарот создава услови, но услови даваше и големиот театар. Кога ќе го решиме проблемот со вишокот администрација, ќе го решиме и проблемот со театарот. Кога ќе почнеме од џеб да даваме пари за театарот, за вода, струја, за чистење, колку луѓе се вработени. Откога постои Драмски театар, ние го застапуваме мислењето дека не треба да ни се даваат средства како за институција. Ние сакаме да се финансира програмата, активноста.“ Интересно е дека ова се токму концепти врз кои функционираат најдобрите театри во светот. Се разбира, ова е сериозна полемичка ракавица, но, оваа полемика за институционалните модели секако треба да трае и да се води.
Уредничката на ова монографско издание драматург Александра Бошковска во име на тимот што работеше на ова издание: Викторија Рангелова Петровска, Димитар Николовски и Теа Беговска истакна дека е големо задоволство што ја имале приликата да се посветат на оваа издание и дека е вложен голем напор да се сублимира огромниот материјал и да се сведе на обем што го дозволува овој формат на монографско издание.





