Со претставата „Тоби“ утрово во преполниот салон на Театарот за деца и младинци неше одбележан Светскиот ден на детскиот театар, што се прославува секаде ширум светот. Денешната публика пред почетокот на претставата имаше и едукативна работилница на тема „Млади театарски експерти“ предводена од режисерите на Театарот, Драгана Милошевски Попова и Игор Ивковиќ, а беше прочитана и пораката од Јулијана Мирчевска, претседателка на Националниот центар АСИТЕЖ Македонија, во која таа вели:

„Должни сме да им дадеме слобода на изразување и простор каде имагинацијата е реалност, а каде емоцијата не е слабост. Да видат, да слушнат, да почувствуваат сè околу себе и во себе.
,,Одведете го детето на театар или театарот однесете го до секое дете“.
На ова би додала: ,,Вклучете го секое дете во создавањето театар“.

Гледањето претстави или впуштањето во процесот на создавање театарска претстава ќе им помогне на децата не само да го осознаат светот туку да се осознаат и себе си. Детството, најубавиот период од животот кога се формираат идните ,,големи луѓе“ е период во кој треба да ги насочиме децата, да им овозможиме возбудливи доживувања, одговори на многу животни прашања, но и да создадеме индивидуалци со вистински вредности. Секој театарски работник и секој уметник да се посвети повеќе на создавање дела за деца или работа со децата. Театар за секое дете од градските и руралните средини.
Децата се нашата иднина, а за да имаме убава иднина треба да се вложиме денес. Театарот е убавина која им ја должиме на децата.





