Прогресивниот метал бенд „Агреморта“ го објави првиот албум, „Аномалија“

Музиката на „Агреморта“ вклучува елементи од повеќе жанрови како алтернативен, прогресивен, грув и кибернетичен метал, „џент“ (djent)

Кристофер Кронс и Никола Станојковски го сочинуваат македонско-американскиот прогресивен метал бенд „Агреморта“ кој деновиве го издаде првиот албум „Аномалија“. „Агреморта“ како колаборативен музички проект е настанат во јули 2023 година. „Аномалија“ е концептуален краток албум (EP, extended play) составен од 4 песни изграден со помош на имагинативна кратка приказна.

– Кристофер е одговорен за пишувањето на текстовите, како и композицијата, аранжманот и изведбата на вокалите. Јас сум одговорен за композицијата, аранжманот, продукцијата и снимањето на инструменталниот дел на музиката, вклучувајќи гитари, бас, синтисајзер и звучни ефекти – вели Никола.

Музиката на „Агреморта“ вклучува елементи од повеќе жанрови како алтернативен, прогресивен, грув и кибернетичен метал, „џент“ (djent). Музиката е проткаена низ една оркестрална, футуристичка и амбиентална музика којашто ја држи основата на звучниот дизајн.

– Значењето на името на бендот е комбинација на два зборови: Agre – пред, кој потекнува од стар индоевропски јазик, и, Morta – кралица на смрта, што доаѓа од римската митологија – вели Кристофер.

Секоја песна на албумот има цел да испорача звучно искуство и приказна, богата со метафора, допирајќи ги темите на идеализација, сила во ранливоста и крајности на индивидуализам и конформизам, велат младите музичари.

– Се работи за личност која се буди откако човештвото се ресетирало преку технологијата со надеж дека ќе избегне самоуништување. Меѓутоа, оние што се веќе разбудени ги имаат пресоздадено почетоците на асиметричните и централизирани структури на моќ што ги имаат доведено таму на прво место. Исто така, постојат нејасни сеќавања на сите за тоа зошто се случило ресетирањето, деталите од нивниот живот, па дури и нивните имиња. Сите се идентификувани со број, наместо име. Главниот лик е во опозиција на оваа моќ и ги гледа нејзините маани. Тој открива дека постои регистар што го содржи секое име и почнува да го совпаѓа истиот со луѓето. Исто така, дознава дека откривањето на неговото име ќе ги открие и спомените од неговиот минат живот, како и голем број лични способности… – објаснуваат музичарите.

Obsidian Reveries (Мрачни наноси) е инструменталното отворање на EP-то дизајнирано да ја поттикне имагинацијата на слушателот и да го постави тонот на светот создаден во Anomalia. Прогонувачки, кибернетски и оркестрално, тој ја гради сцената во исчекување на будењето на главниот лик и мистеријата на приказната што доаѓа.

Ploratus Umbra (Плачлива сенка) го гледа главниот лик разбуден во реалноста во која човештвото се ресетирало себеси, преку технологијата, со надеж дека ќе избегне самоуништување. Сообразноста е крал, а индивидуализмот е украден додека нашиот главен лик наоѓа одлучност и решителност во своите идеали. Композицијата е полна со меланхолични хармонии, мелодии и вокални линии, груверски рифови и синкопирани ритмови што се поткрепени со широк 3Д синтетичен и кибернетски звучен пејзаж.

Adrocitas (Злосторство) е наративната кулминација на приказната презентирана во Anomalia, во која главниот лик ја води својата „праведна војна“ против угнетувачите на човештвото. Во песната е испорачана експлозивна рифажа со преклопувачки синтисајзери, просторно разигран и мрачен, но сепак привлечен звучен пејсаж, и блескаво гостинско соло на гитара од Луис Снајдер Louis Snyder од бендот Riparian. Повеќеслојниот вокал носи мелодичен борбен крик со тонски поместувања во интроспективен и емотивен заклучок.

Vertex Membrana (Надворешна мембрана) ја доведува приказната на нашиот главен лик до својот крај, патувајќи со сите претставници на тоа време низ нивниот ранлив, внатрешен конфликт со етиката на она што тие го направиле и што ќе изберат да прават со моќта што им е дадена. Песната е ударна и агресивна, но на моменти и интроспективно меланхолична со драматично инструментално и вокално разрешување.

Албумот е објавен на 15ти март 2024 година на сите популарни стриминг платформи како Spotify, YouTube Music, Bandcamp, Soundcloud, iTunes, Apple Music, Tidal, Deezer итн. Исто така, достапно е лирично видео за Ploratus Umbra, Adrocitas и Vertex Membrana на платформата YouTube. Вокалите се снимани и испродуцирани во Alatna Studios со помош на Ендрју Бери. Александар Стефановски е одговорен за ко-продукцијата, миксот и мастерот на песната, а во траката има и гостинско соло од страна на Луис Снајдер. Дополнителни бас линии во песната се снимени од страна на Стефан Стојкоски на песните Adrocitas и Ploratus Umbra. Омотот за синглот е направен од страна на Хавиер Нортон.

Сподели