Икони од Македонија ќе бидат изложени во Музејот во Ватикан. Договорот е постигнат на средбата на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и заменик-директорот на Музејот, Џандоменико Спинола, на состанокот што се одржа во Ватикан. Музејот во Ватикан покажал интерес да се организираат и други изложби преку кои македонската уметност ќе се промовира како дел од европската. Костадиновска-Стојчевска го поканила Спинола во Скопје за да се договорат настани на кои Ватикан ќе претстави дел од својата уметничка архива.
Значењето на македонското културно наследство било во фокусот на изложбата „Манастирите од Северна Македонија“ која е поставена токму во Ватикан, во македонската амбасада, на која преку фотографиите на Стојан Стојановски светот се запознава со нашите средновековните манастири.

Костадиновска-Стојчевска ја потенцирала непроценливата вредност на нашето културно и историско наследство, како и умешноста на градителите на македонските цркви и манастири.
Заедничките планови со Ватикан за во иднина се продлабочување на 30-годишните пријателски односи и промоција на македонската културна историја.
Министерката одржала состанок и со хуманитарната организација на Католичката црква, „Каритас интернационалис“ за да се организира настан за Мајка Тереза, преку поголем број активности во кои ќе се вклучат академската заедница и студентите. Костадиновска-Стојчевска одржала и работен состанок во македонската амбасада при Светата Столица, а со амбасадорката Марија Ефремова разговарање за чествувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители.
Фото: Министерство за култура





