Животот е минлива работа: Родољуб Анастасов пред 89. роденден претстави досега неизложени дела

Родољуб Анастасов успева од својата меморија да извади луѓе кои биле дел од неговиот живот. Суштината на идејата е дека животот е минлива работа и дека човекот секогаш е прилагодлив на ситуациите и дека тоа остава трага врз сите нас“, рече вчера кураторот Јасмина Намичева на отворањето на изложбата „Визии – Глава полна со луѓе“ од доајенот на македонското сликарство во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Беа претставени досега неизложена серија на цртежи, работени во техника молив и молив во боја на хартија, во мали формати.

Изложбата ја реализира Центарот за култура во соработка со неформалната мрежа на музеи „Музеум Линк“. На изложбата присуствуваше и самиот автор кој во недела ќе полни 89 години.

Родољуб Анастасов е еден од најважните автори во современата македонска уметност. Роден е во Скопје во 1935 година, од татко Славко, од скопската фамилија Анастасови-Кучуќ познати трговци. Дедо му Петре Кучуќ материјално ги помагал активностите на гемиџиите во Солун. Неговото име е документирано во Архивот на Македонија во Скопје. Во биографијата на Анастасов пишува дека мајка му, Ефтимија (Ефка) Серафимова потекнува исто од трговска фамилија. Татко му посетувал вечерни часови за сликање во Софија.

Дарбата за уметност ја добил од татка си, а чувствителноста од мајка си. Неговите браќа Петар и Димитар исто така покажувале интерес за уметност“, пишува во биографијата.

Во окупирано Скопје почнал да посетува основно училиште на бугарски јазик, се’ до второто одделение кога започнува војната. Од детските денови сведок е на агресијата од страна на бугарската и германската војска. По ослободувањето го продолжува школувањето на македонски мајчин јазик во основното училиште „Гоце Делчев“. Оттука продолжува со школувањето во класична гимназија и завршува полуматура. Учител по цртање му бил Фрчковски, еден од последните прочуени македонски зографи.

Школувањето го продолжува во „Художественото школо“ во Скопје во класата на Лазар Личеноски, додека предметот акт го слуша кај Димитар Пандилов. Анастасов завршува Училиште за применета уметност во Скопје во 1954 година, кое било нарекувано „Мала академија“.

Во 1955 станува вонреден студент на Вишата педагошка школа во Скопје – ликовен отсек каде му предавал Васил Коџоман. Се вработува во претпријатието „Декор биро“ во Скопје каде работи како графички дизајнер.

Од 1958-1962 година студира на Академијата за ликовна уметност во Белград. Во 1963 е уапсен во Марибор, Словенија за „вербален деликт“. Судот во Загреб го осудува за навреда на маршалот Тито и раководството на комунистичката партија, по што следи 2 годишно лишување од слобода, праќајќи го на Голи Оток. Причината била несогласувањето со ставовите на Јосип Броз Тито за апстракната уметност објавени низ тогашниот печат. На 26 ти јули се случува катастрофалниот земјотрес во Скопје, период во кој Родољуб не ја знае судбината на своето семејство. Во 1965 година му завшршува казната на озогласениот остров.

Првата самостојна изложба се сличува во „Работнички дом“ во Скопје во 1966 година, додека во 1967 е веќе повикан да го отслужи воениот рок во Нови Сад. Во 1968 година се жени со Јустина, љубовта на неговиот живот и најголемиот поддржувач на неговата работа. Јустина Коштомај е по потекло од Велење, Словенија, по професија комерцијалист и одличен познавач на повеќе јазици.

Истата година почнува како хонорарен, а продолжува како редовен професор во училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, отсек текстил, а потоа и отсек сликарство.

Сподели