Седум статуетки БАФТА освои тричасовниот еп на Кристофер Нолан за правењето на најубиственото оружје во историјата на човештвото – атомската бомба на самиот крај од Втората светска војна. Наградите на Британската академија за филмски и телевизиска уметност беа доделени синоќа, а церемонијата ја водеше актерот Дејвид Тенант.

„Опенхајмер“ беше прогласен за најдобр филм, Нолан е најдобар режисер, Килијан Марфи ја доби наградата за најдобра машка главна улоога, Роберт Дауни Џуниор – најдобра споредна, а ги доби и наградите за монтажа, камера и ригинална музика.
Филмот „Бедни суштества“ на Јоргос Лантимос освои пет статуетки. Меѓу нив, Ема Стоун ја освои наградата за најдобра главна женска улога.

Да’Вин Џој Рандолф ја освои наградата за најдобра женска споредна актерка во „The Holdovers“, комедија чиешто дејство е сместено во машки интернат. Таа имаше инспиративен говор. „Анатомија на падот“ ја освои наградата за оригинално сценарио.
„Зона на интерес“, воено-криминалистички филм за командантот на Аушвиц и неговото семејство коешто живее во близина на германскиот нацистички логор на смртта, ја освои специјалната награда за британски филм.

Наградата за најдобар документарен филм ја доби филмот „20 дена во Мариупол“. Еден од најемотивните моменти на доделувањето на наградите беше појавувањето на сцената на Мајкл Џ. Фокс, актерот кој подолго време се соочува со Паркинсоновата болест, кој за да соопшти добитник на награда, стана од својата инвалидска количка. Ја остави публиката во солзи, а доби огромен аплауз.
Фото: Принтскрин јутјуб/Би-Би-Си





