Знаете ли дека Вевчани е прва македонска зелена дестинација? Така е, Вевчани влегува во ексклузивна група на туристички дестинации, кои поради своите природни и културни вредности се реткост во светски рамки. Тоа го заслужува со Вевчанските извори, што се рангирани во 100-те зелени дестинации во светот, но и со културата и традицијата кои опстојуваат повеќе од 14 века. Вевчани го освојува посетителот со архитектурата, црквите, обичаите и природата и со гласната тишина на мирот што ве опкружува веднаш по пристигнувањето.
Ана, Стрезо и Стефан во епизодата „Рурален туризам“ од серијалот „ТВ Такси 28“ секако дека не можеа да го одминат Вевчани оти неговата приказна е уникатна. Се сретнаа со туризмологот Александра Велкоска, која смета дека токму поради фактот дека природата била дарежлива, а во Вевчани се сѐ уште живи сите рецепти за вкусната храна на нашите прабаби и може да се види прекрасна стара архитектура, можностите за рурален, одржлив и активен туризам се огромни.

Дарко Лешоски, Ана Зафирова и Стрезо Стаматовски
Еден викенд во Вевчани е можност да ја освојувате Јабланица, да стигнете до Јанков Камен, да планинарите и уживате во врвни специјалитети. Се прашувате зошто целиот тој потенцијал не е со големи букви на светската туристичка мапа? Локалниот угостител Наско Богоески смета дека недостасува подобра организација за со она што е наш идентитет, традиција и богатство да се претставиме пред светот.
Во Вевчанската приказна се вклучи и поетот родум од Вевчани, Дарко Лешоски.
„Вевчани е специфично од аспект на приказна. Мислам дека интуитивно народот којшто живее таму има во некој дел од својата генетика знаење дека за кој било бизнис мора да имате приказна“ – вели Дарко, потенцирајќи дека автентичноста на Вевчани како прибежиште соодветствува на она што светот го бара во моментов.
Гледајте ја епизодата „Рурален туризам“ од серијалот „ТВ Такси 28“.





