Крива Паланка – Град на културата за 2024 година

Крива Паланка е „Град на културата“ за оваа година, соопшти Министерството за култура. Единствен ривал на повикот бил Велес. Крива Паланка ќе реализира 55 проекти од сите дејности и во нив ќе учествуваат многу млади домашни уметници и автори. Манифестацијата ќе почне во март и ќе трае до крајот на годината.

– Стручната комисија составена од вработени во Министерството за култура оцени дека Општина Крива Паланка има богата програма, која нуди издржан програмски концепт, со различни жанрови и естететика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници – соопшти ресорното министерство.

Манифестацијата „Град на културата“ почна да се реализира во 2004 година, а целта беше создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво. На конкурсот учествуваат сите општини во Македонија, со исклучок на Град Скопје и неговите општини.

Сподели