Засадени повеќе од 150 дрвца во училишта и градинки во Скопје

Повеќе од 150 дрвја беа засадени во десет училишта и градинки во Скопје во рамките на еко-акцијата што ја организираше Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Вработените во Агенцијата заедно со учениците и наставниците учествуваа во разеленувањето на градот во обид заеднички да помогнат во креирање на одржлива животна средина. Под мотото „Растеме заедно, растеме зелено“ тие велат дека еко-свеста се негува од мала возраст, како и љубовта кон природата.

Според Марко Ѓорѓиевски, директор на Националната агенција вели дека оваа институција во изминатиот период била вклучена во различни активности и иницијативи за промоција на зелената агенда и борбата против климатски промени.

– Кон крајот на мината годината ја реализиравме иницијатива „Растеме заедно, растеме зелено“. Оваа активност беше спроведена во соработка со училишта и градинки во различни општини на територија на Градот Скопје за разеленување на нивните дворови. Интересот беше огромен кај сите ученици и деца, бидејќи сите сакаат да дадат мал придонес во зазеленување на местата каде што поминуваат голем дел од денот. Веќе за оваа година имаме планирано двојно поголем буџет за вакви активности за да може да бидеме присутни во повеќе населени места надвор од метрополата. Апелирам, мораме сите заедно да се грижиме за нашата животна средина и да бидеме проактивни – вели Ѓорѓиевски.

Сподели