Панел-дискусија за подобрување на квалитетот на македонското образованиe

„Младински перспективи: Подобрување на квалитетот на македонското образование преку интеграцијата во ЕУ“ е насловот на панел-дискусија посветена на образованието и младите која ќе се одржи вечерва во 19 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Воведно обраќање ќе има министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, а ќе учествуваат Марко Ѓоргиевски, директорот на Националната агенцијата за образовни програми и мобилност, Ѓорги Тасев, советник за млади на претседателот на Владата, Давид Дамјаноски, претседател на Комисијата за надворешна соработка при Универзитетското студентско собрание на УКИМ и Благица Ефтимова, проектна менаџерка и координаторка во ЦЕТ платформа.

На дискусијата ќе бидат презентирани можностите и перспективите за младите достапни преку програмите на Европската Унија за размена и соработка со европските образовни институции. Присутните ќе имаат можност да добијат повеќе информации и за потенцијалните придобивки што членството во ЕУ ќе ги донесе во подобрување на квалитетот на македонското образование, зголемување на вработливоста на младите, зајакнување на дијалогот на најразлични теми и помош за издигнување на младинскиот активизам.

Панелот се организира во рамките на кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“ чија цел е да ги истакне придобивките од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ за нашите граѓаните, а ја организираат Министерството за образование и наука и Националната агенција за образовни програми и мобилност.

Сподели