4,6 милијарди денари за култура во 2024

Вкупно 4,6 милијарди изнесува буџетот за култура за 2024 година, а беше изгласан завчера во Собранието, соопшти министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на вчерашната предновогодишна средба со новинарите. Таа направи рекапитулација на настаните во културата годинава и ги најави активностите за следната година. Таа нагласи дека од посебна важност е новиот закон за употреба на македонскиот јазик кој е заглавен во собраниска процедура. Се прават измени и на законот за заштита на културното наследство, се подготвува Националната стратегија за култура 2023-2027, проследена со акциски план. Се подготвува нова легислатива за Охридскиот Регион, а новината дека за нови вработувањата нема да треба одобрение од Министерството за финансии ќе олесни многу нешта во културата.

– Тоа значи дека постоечките работни места во институциите нема да се укинат ако некој замине во пензија, даде отказ или почине. Тие ќе бидат пополнети со нов кадар. Одговорноста ќе биде на директорите на институциите – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа апелира институциите што заработуваат дополнителни средства од својата дејност да ги употребат во трајно кадровско зајакнување, наместо да ги трошат на хонорарни соработки.

Костадиновска-Стојчевска рече дека е особено горда што во оваа година се формирани новите установи Камерен оркестар-Битола и Џез оркестарот, за кои се обезбедени услови за работа. За двете иснтитуции се предвидени по околу 40 работни места. Документите за Универзалната сала Град Скопје ги предал во ресорнорното министерство, а градежните активности треба да завршат за три години. Идната година ќе се посвети внимание на цркавата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, Ресенско и на локалитетот Кокино, Кумановско и ќе продолжи нивната процедура во УНЕСКО за запишување на репрезентативната листа на светско културно наследство.

Сподели