Украдени три ножа од уметничко дело на Страхил Петровски во КИЦ – авторот обвинува за оштетеност, директорот вели бил предупреден дека немаат депо

Недостигаат три од дванаесетте ножа прицврстени на скала која беше дел од комплексната инсталација. Делото е оштетено по затворањето на изложбата

Пишуваат: Весна Ивановска-Илиевска и Сребра Ѓорѓијевска

Оштетен е дел од уметничкото дело „Фрагментирани реалности“ од мултимедијалниот уметник Страхил Петровски – редимејд инсталација која од 24 ноември до 6 декември беше изложена во Културно-информативниот центар во Скопје. Недостигаат три од дванаесетте ножа прицврстени на скала која беше дел од комплексната инсталација. Делото е оштетено по затворањето на изложбата. Петровски вели дека откако го известил директорот на институцијата, Антонио Димитров, за настанатата штета, добил одговор да си купи три ножа, да си го поправи делото и да не крева врева. Димитров за Умно.мк објаснува дека тие немаат услови за чување на уметничките дела по затворање на некоја изложба и дека му било сугерирано на Петровски веднаш да си ги повлече експонатите.

Изложбата беше отворена како дел од културната понуда на Град Скопје, во рамките на иницијативата Европска престолнина на културата 2028, а требаше да биде отворена до 4 декември. Оштетеното дело „Патот… по / во чест на Јанис Кунелис“ бепе дел од комплексната изложба „Фрагментирани реалности“. Петровски објаснува дека делото е составено од дрвена скала, црно платно и дрвени ножеви поставени и заврзани со јутено јаже за дрвената скала и поставено на под.

Страхил Петровски

– Изложбата траеше некои 11-12 дена. По завршувањето најрегуларно беа спакувани сите останати дела од поставката, освен скалата, која поради проблематичниот транспорт не можев да ја земам веднаш и да ја вратам во моето атеље. Разговарав со вработениот во КИЦ кој ми посочи дека ќе биде поставена на „најсигурното“ место во институцијата и дека нема да има проблем да остане таму, додека не се снајдам со превоз и транспорт. Деновиве се јавив во институцијата за да прашам за други нешта поврзани со изложбата и меѓу другото, кога ќе може да се земе делото. Ми кажаа дека моето дело е оштетено – недостигаат 3 ножа, односно дека некој ги украл. Не знаат кој би можел да биде сторителот, а во институцијата постојат камери внатре и движењето се следи на компјутер поставен на пултот веднаш до влезот. Однадвор има физичко обезбедување на самиот објект. Во разговор со вработениот и директорот ми беше посочено за да не ја правиме „големата“, да си купам три ножа, сам да си го средам делото и да не кревам галама, односно да се заташка работата – вели Петровски.

Тој додава дека ова за него е огромно разочарување, како автор кој 25 години професионално работи во областа на културата не само како мултимедијален уметник, туку и како советник конзерватор-реставратор во Националниот конзерваторски центар во Скопје.

– Ова е предупредување и до другите културни установи од областа на културата, да се поведе ред и она што се случува во институциите – вели Петровски.

Антонио Димитровски

Директорот на КИЦ, Димитров вели дека е навистина лошо кога дело на уметник ќе се оштети, но приказната не е еднодимензионална.

– Изложбата беше продолжена на штета на следната изложба во годишната програма, наместо на 4 беше затворена на 6 декември. Според договорот, уметникот треба да ги репарира оштетувањата во изложбената сала од поставувањето на изложбата и веднаш да си ги собере делата бидејќи ние немаме депо за складирање на гломазни дела. Доколку се работи за слики или скулптури, може да се складираат во канцеларија под клуч извесно време, но за градежни скелиња и скала од 5 метри просто е невозможно да преземаме одговорност, особено што беа складирани во холот каде единствено можеше да ги собере со својот габарит. Токму затоа беше сугерирано делата да се подигнат веднаш по затворањето. Но, и по 20 дена од затворањето, делата не беа подигнати. Досега уметникот не ни доставил барање за репарирање на делото, па затоа не би можел ви одговорам на прашањето околу набавка на ножевите. Но, тоа е најмалиот проблем во случајот, и доколку беше искомунициран како што треба, досега веќе ќе беше решен – вели Димитров.

Тој додава дека чуварска служба во установата постои, а имаат и кустоси кои се во галериите од 10 до 20 часот чија задача е да ги воведат посетителите во изложбите во текот на неделата. Институцијата во виканди не реаботи.

– Затоа досега не сме имале проблем од ваков тип. Но, во оваа зграда се две институции – КИЦ со Салон 19:19 и Работнички универзите) и тука циркулираат илјадници луѓе во текот на неделата. Од друга страна, факт е и дека најголеми проблем во културата е кадарот, од чувари и технички персонал, сè до раководители на сектори, вклучувајќи го тука КИЦ како еден од најзагрозените, и токму затоа од моето поставување на оваа функција апелирам за овој горлив проблем. Но, на крајот тоа зависи од министерството за финансии, а не од градот (под чија надлежност сме – вели Димитров.

Сподели