На сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, вечерва во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Стапица за глувци“ во режија на Борис Василески. За преводот и драматургијата е задолжена Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата и дизајнот на светло се на Мартин Манев. Костимите се на Марта Дојчиновска, а музиката – на Томе Темелкоски. Дизајнот на плакат е на Илина Василеска.
Улогите ги толкуваат: Сара Спиркоска, Илија Волчески, Дарко Карбески, Марија Спиркоска Илијеска, Александар Тодески, Даниела Иваноска, Михајло Миленкоски
и Димитар Ѓорѓиевски.
Кога неправдата не се разрешува на задоволителен начин и кога злосторникот не ја добива соодветната казна, тогаш се раѓа желбата за одмазда. Токму оттука почнува оваа приказна, која ја испитува човековата перцепција на вистината.
Секој мисли дека неговата перспектива е правилната, но што е, всушност, вистината? Како се манипулира со човековите мисли и зошто е толку лесно човек да биде наведен да размислува во погрешна насока, да си направи приказна во главата и да поверува во неа? Сомнежот е фрлен врз секого и секој претставува потенцијална опасност, затоа што секој има своја скриена приказна. Претпоставките, едноставно, мора да бидат преиспитувани.
Пред вас поставуваме предизвик – да се обидете да откриете кој е убиецот и да дознаете дали вашите почетни сомнежи биле точни. Можеби и самите на крајот ќе се изненадите. Во секој случај, не откривате им кој е убиецот на оние кои не ја гледале претставата. Нека остане тајна!





