Одговараат тројца мажи, и тоа изненадувачки ангажирано и искрено. И тројцата потекнуваат од југозападниот регион на нашата земја, имаат солидна наобразба и култура, остварена кариера и сопствени средства за издршка во староста. Накусо – мажи кои биле „некој и нешто“!
Колку се задоволни од себеси и од својот живот пред да се приберат во една заштитна институција како своја крајна одредница? Колку ги држи надежта, имаат ли желби, очекувања? Секој со своја историја, секој со своја приказна, како ги доживуваат новогодишните празници неколкумина жители на Домот за стари лица „Софија“ кај Битола. Инервјуата ги води Љупка Б., корисничка на Домот „Софија“.
Го прашувам секој од нив како го доживува настапот на новата календарска година? Одговараат тројца мажи, и тоа изненадувачки ангажирано и искрено. И тројцата потекнуваат од југозападниот регион на нашата земја, имаат солидна наобразба и култура, остварена кариера и сопствени средства за издршка во староста. Накусо – мажи кои биле „некој и нешто“! Како тие се доживуваат себеси денес, во предвечерието на Новата 2024 година?
Илија К. има 84 години. Тој е шумарски инженер и бил директор на Шумско стопанство во Демир Хисар. Живеел во Смилево, Битола, Скопје, Демир Хисар, Канада, па пак во Битола…
– Нова година? За мене сега тоа е само уште една година плус! Всушност, кога бев сосема млад, во мојот крај одредени верски празници беа многу повпечатливо обележувани во споредба со новогодишните. На Петровден цело мое Смилево се собираше на манастир. Подоцна, кога веќе бев фамилијарен човек, на ден Св. Илија мојот дом беше отворен за бројни гости по повод мојот именден. Постепено, како што настапот на нова календарска година сè повеќе добиваше на значење во глобални размери, така и ние како семејство се вклопувавме во општата атмосфера на славење. Со сопругата одевме на дочек во ресторани, кога веќе подостаревме, ја следевме посебната, новогодишна програма, на телевизија. Откако сопругата ми почина, празниците веќе ништо не ми значат. Една празнична прослава во овие околности се сведува на „купи ден – помини“. Животот во дом за стари лица е живот за докусурување! – вели Илија.
Коста Д. има 68 години. Дипломирал на Електротехничкиот факултет и бил вработен како електроинженер во ЕМО Охрид. Потоа бил директор на секторот за развој, подоцна и генерален директор. Живеел во Охрид, Скопје, пак во Охрид и во Битола.
„Не сум задоволен од својот живот. Никако!“ – категоричен е Коста.
За траумата што го погодила во младоста, веќе знаевме: рано ја изгубил сопругата, никогаш не се преженил и бил и татко и мајка на своите деца сè додека да станат свои луѓе. Но, горчината на Коста доаѓа од просторот поширок од неговиот личен живот.
– Би се рекло дека има зошто да бидам задоволен од себеси барем на професионален план. Како електроинженер, добитник сум на повеќе награди за иновации, меѓу кои и меѓународни… Но истовремено бев неизлечив идеалист, што ме туркаше во постојани конфликти со разни структури на моќта. Неколкупати бев исфрлан од работа, ставен во ситуација да го хранам целото семејство – невработената жена и двете мали деца – со паричната помош од мојот татко. Бев враќан на работа по судски пат, ама тоа беа трауми. Го основав првиот независен синдикат во Македонија, штрајкувавме, еднаш минавме 90 дена затворени во општинската зграда… Зошто? Начисто сум: Кога ќе се завртам наназад, гледам години пропаднати во залудна битка – моја и на оние слични на мене – за правдина. Кога ќе погледнам нанапред, нашите економски, политички, правосудни, образовни, здравствени итн. параметри, па и глобално безбедносните, не ми влеваат некоја надеж… – вели тој.
Живко М., 87-годишен наставник по македонски јазик во Шведска, живеел во Кичево, Охрид, Битола, Белград, Малме, бил на подолги периоди на престој во повеќе источноевропски земји. Тој вели:
– Не сум задоволен од себеси! Како да бидам, кога веќе десет години сум ограничен во движењата и на места со ограничен радиус – во разни старечки домови во Србија и кај нас? Но, ако сум искрен, треба да си признам дека не е во прашање само физичката повреда. Таа несреќа ми дојде „однадвор“, ама мора и нешто мое, „однатре“, да ме довело во оваа ситуација, мојот денешен биланс на задоволство од себеси да биде во негатива. Мора да сум наивен и импулсивен, штом си дозволив да бидам изманипулиран – да склучам брак со жена чија единствена цел била шведска виза. И мора да имам проблем со донесувањето вистински одлуки во вистинско време, штом онака, слободен, после тој краткотраен брак, ги пропуштив сите прилики да се поврзам со некоја личност, да jа најдам својата половина, да имам свој човек за цел живот. Барем да имав, некаде, едно свое дете! Умот дојде отпосле, кога веќе нема практично значење. Но, ова не значи дека сум рамнодушен во врска со празнувањето на новите календарски години. Има нешто убаво во тоа што во еден краток временски интервал, барем додека трае празнувањето, сите луѓе се свртуваат еден кон друг, исполнети со добри, среќни мисли. Сепак, тоа дава надеж! – вели Живко.





