Проекција на „Кафе“ на Иранецот Навид Михандост: Уметноста е мост за комуникација на слободоумни луѓе ширум светот

Со прикажувањето на најновиот филм „Кафе“ на иранскиот режисер Навид Михандост вечерва во 20 часот во Кинотеката во Скопје, Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ директно ќе го поддржи овој ирански филмски автор. На тој начин ќе ја искаже јавната и недвосмислена поддршка за ослободување и укинување на затворската казна, која започна да ја отслужува пред неполни два месеци, заради тенденциозното обвинение дека снимал документарен филм за иранската новинарка Масих Алинеџад, која со својот женски активизам наводно ја загрозила безбедноста на државата.

Тимот на скопскиот фестивал, заедно со Солунскиот филмски фестивал и Коалицијата за заштита на филмски автори во ризик, максимално се солидаризира со овој исклучително храбар, важен и талентиран ирански филмски автор. Со цел да ја доближи целата лична драма на овој уметник до македонската публика, организаторите на фестивалот ќе обезбедат директен контакт на публиката со сестрата на режисерот Навид, Неда Михандост, која ќе се обрати пред присутните и македонската јавност во име на нејзиниот затворен брат и ќе го пренесе подетаљно неговото обраќање.

Навид Михандост, од затворот во Техеран, каде ја одлежува казната од три и пол години, за македонските медиуми ја даде следнава куса изјава:

– Ве поздравувам од Техеран. Многу сум среќен што ќе го гледате мојот нов филм во Скопје, главниот град на Македонија, и благодарност до „Киненова“ што ја организираше специјалната проекција за мојот филм. Ја сакам и се восхитувам на уметноста во смисла што таа е мост за комуникација за образовани и слободоумни луѓе ширум светот. Од една страна сум среќен што мојот нов филм го продолжува својот динамичен живот, а од друга страна ми е жал што не можам да сум со вас, за лично да ја доживеам реакцијата од македонската публика на оваа моја филмска приказна.

Во рамките на специјалната програма на фестивалот, утревечер во 20 часот во Кинотеката ќе биде прикажан провокативниот англиски филм „Фатална жена“ на Сем Фринам ин Нг Чон Пинг. В понеделник, ќе следува украинскиот „Клондајк“ на Марина Ер Горбах, кој се закити со две награди на „Киненова“, наградите за најдобра режија и за најдобро сценарио.

На 19 декември ќе биде прикажан шпанскиот филм „20 000 видови пчели“ на Естибалиц Уресола Солагурен, кој ја доби специјалната награда на жирито. Голем куриозитет за овој филм е дека детето-актерка Софија Отеро, која ја игра главната улога во овој исклучително сензитивен и тематски специфичен филм, ја доби наградата за најдобра главна улога на овогодинешното Берлинале.

 

Сподели