Четири бронзени медали освоија македонските ученици на 20. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки која се одржува од 1 до 10 декември во Бангкок, Тајланд. Медалите ги освоија учениците, сите прва година: Андреа Нешковска од битолската гиманзија „Јосип Броз-Тито“, Даниел Христовски од „Јахја Кемал“ во Скопје, Ивано Божиновски од „Математичко-информатичка гимназија“ во Скопје и Елена Јовановиќ, од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“. На олимпијадата успешно се претставија и учениците Андреј Доневски, прва година во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово и Мила Порјазоска, ученичка во деветто одделение во „Ѓорѓија Пулевски“ скопската населба во Аеродром.
Учениците ги подготвуваа професори од Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД). Тие им го честитаат големиот успех на учениците и се заблагодаруваат на водачите и на сите што прдонеле во организацијата на општинските, регионалните и државните натпревари по физика, хемија и биологија, на двата селекциони натпревари преку кои беше избран тимот. Целосните трошоци за нашиот тим да замине во Банкок ги обезбеди ФД СН Финансии ДОО Битола.
Фото: ДФРМ





