Во Музејот на град Скопје вечерва во 18.30 часот ќе се одржи промоција на краткиот анимиран филм „Лисичката плетачка“ и на двете дела „Лисичката плетачка“ и „Лепчето што расте“ на авторката Ана Голејшка-Џикова и илустраторката Иванка Ниба. Делата ќе ги промовираат Ана Јовковска и Владимир Лукаш.
– Добрина, љубов, пријателство, емпатија, солидарност – карактеристики кон кои се стремиме како луѓе, на кои ги учиме нашите деца, ни беа најважни во периодот на корона изолацијата. Во овој период се родија многу ремек дела. Инспирирани и потсетени за вредностите во животот, се втурнавме кон создавање и љубење преку создавање уметност. Токму во тој период се родија овие две прекрасни песнички, токму во тој период се реализираа во сликовници, а шансата да го прославиме нивното раѓање, ја добивме сега – велат авторките.
Илустрацијата е еден многу важен сегмент во сликовниците за деца, клучен за децата што не знаат да читаат. Илустрацијата е во симбиоза со текстот, го опишува, но и го надополнува. Го следи, воедно и инспирира.
– Визуелната комуникација со децата што сè уште не знаат да читаат е дидактичка, линијата и формата се топли, боите нежни, но дефинирани. Целокупниот впечаток е нов магичен свет во кој се внесуваме и затоа и толку успех доживејаа овие две сликовнички – вели Ниба.
Голејшка-Џикова за своите приказни вели дека се всушност омаж и гушкање на карактерите на мајка ù и татко ù. Преплетената грижа преку храна и топлина, се нивниот животен декор.
– „Лисичката“ е Лејди Зага неприкосновено, затоа што плете приказни, џемперчиња и капи за Надја, а богами и за мене и сестра ми, додека растевме. Нејзините игли се мека радост за создавање на најшарените шалови на светот. „Лепчето што расте“ му припаѓа примарно на татко ми, човекот кој прв ме запозна и воведе со радоста и уметноста на месењето, иако никогаш нема да го надминам. Утрата полни со брашно, тегнењето кори на дрвената маса и мирисот на масло, праз, месо или сирење, топла крпа, за трите пити што испаруваат чекајќи, се како парче од неговата душа што е закрила за никој да не е гладен. Моите детски приказни се нивните несовршени, топли срца. А сега кога се баба и дедо, тоа доаѓа до израз, како добро обликувана кифличка, како совршено исплетена шара на шал – вели таа.
На аниманираниот филм работеа: Сандра Георгиева, режија, Горан Менков, анимација, Никола Бочваров, музика и Иванка Ниба, илустрација.





