Македонскиот актер Томе Станковски е номиниран за главна улога во музички видеоспот за песната „Врие Македонец“ на рап групата „Чиста околина“, на Регионалните музички награди MVA 22.23. За наградите може да се гласа до 17 јануари 2024 година.
Македонската рап група „Чиста околина“, заедно со колегите Кацар и Вена во февруари годинава ја објавија песната и спотот под наслов „Врие Македонец“, песна што веднаш го привлече вниманието и на регионалната јавност. Режисер на спотот е Иван Солунчев и Video Production – S.B.Studio Sky Camera.
– Сакам да се заблагодарам за номинацијата за најдобра главна улога на овие убави музички награди, навистина е голема чест да се биде за избран. Им се заблагодарувам на режисерот Солунчев и на целата екипа што веруваа во мене. Многу ми значи оваа доверба од нивна страна и се радувам што е препознаена и од организаторите. Нема да згрешите за кого и да гласате, ги изгледав сите видеа, сите завршиле одлична работа. За потребите на овој спот имав голема работа, не само физички, но и на ментално и емоционално ниво со цел да го доловам ликот за потребите на улогата – вели Станковски.





