„Транснационален и вмрежувачки настан посветен на можностите на потпрограмата Култура на Креативна Европа во 2024 година“ е насловен настанот кој ќе се одржи на 6 и на 7 декември во Скопје. Настанот е отворен, од јавен карактер и е наменет за потенцијалните корисници на Креативна Европа – потпрограма Култура. Може да учествуваат националните и локалните установи, здруженија на граѓани, општините, образовните институции, уметниците и професионалците и сите кои дејствуваат или спроведуваат активности во областите на културните и креативните сектори.
– Програмата Креативна Европа 2021 – 2027 на Европската Унија претставува можност за поддршка на многубројни активности на организациите и професионалците од културните и креативните сектори и за јакнење на европската културна соработка. Главниот фокус на настанот е ставен на можностите на потпрограмата Култура за 2024 година, со посебен акцент на Повикот за „Проекти за европска соработка“. Сесиите и дискусиите опфаќаат и други аспекти на програмата Креативна Европа – потпрограма Култура, кои произлегуваат од актуелните политики на Европската Унија, како и од предизвиците поврзани со нејзиното спроведување на национално, регионално и на европско ниво – велат организаторите.
Настанот го организира Канцеларијата на Креативна Европа – Култура при Министерството за култура во соработка со Град Скопје, Град Руан од Франција и канцелариите на Креативна Европа – Култура од Белгија, Германија, Словенија, Албанија, Црна Гора, Србија и од Грузија.
– Земајќи ја предвид неодамнешната препорака на Европската комисија за Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година, посветуваме внимание за важноста на оваа акција во рамките на дискусијата на тема: „Европската димензија и одржливоста на европските престолнини на културата“. Истовремено, двете партнерски организации, Град Руан и Град Скопје, ќе ги претстават проектот за европска соработка „CreArt“ и придобивките од програмата Креативна Европа (Култура) – велат организаторите.
За учество на работилниците кои ќе се одржат на 7 декември во Порта Македонија од 9.30 до 15 часот, сите заинтересирани треба да го потврдат своето учество најдоцна до 4 декември во 15 часот на електронската адреса: biljana.prentoska@ced.mk. Поради ограничениот број на места во Порта Македонија, нагласете го вашиот интерес за учество на работилниците закажани за 7 декември.





