Прилепскиот театар гостува во Ниш со „Дупло дно“

Театарот „Војдан Чернодрински“ со претстaвата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, во режија, дизајн на сцена и костими на Наташа Поплавска, ќе гостува во Ниш вечерва во 20 часот, на сцената на Нишкиот театар. Улогите ги толкуваат: Марија Спиркоска Илијеска, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Михајло Миленкоски, како и „Дупло дно бенд“, во состав на: Томе Темелкоски – гитара, звучни ефекти; Методија Костоски -клавијатури, звучни ефекти, бас гитара; Ана Митоска – пијано, ксилофон, вокал; Филип Јездиќ – тапани, перкусии. Автор на музиката е Ристо Вртев.

Горан Стефановски ја пишува драмата „Дупло дно“ во 1983 нарекувајќи ја „пасија во три става и кода” што наликува на музичката форма свита и во неа ги отвора проблемите на поединецот уметник, лудак и револуционер наспроти системот, отелотвотворен во ликот на министерот за култура. Различните општествени позиции тој ги изложува преку дебата и спротиставени ставови за смислата на уметничкото творење, а ликовите на уметникот Јаков, Министерот за култура Божо, неговата сопруга домаќинката Параскева, нивната депресивна ќерка, балерината Кристина и специјалниот советник Нове ги става во апокалиптична иднина, лудо минато и револуционерна сегашност. Стефановски иако делото го завршува со кода, тој не ни дава разрешница, туку ги остава нивните позиции непроменливи, а ја отвора дилемата колку и како уметничката стварност кореспондира со реалноста.

Наташа Поплавска во „Дупло дно“ од Стефановски го отвора прашањето како уметничката стварност денес кореспондира со реалноста. Таа го прикажува лажниот ангажман на уметниците кои се борат за „уметничката слобода”, а всушност се борат за позиција на министри за култура со цел да ги задоволат своите лични интереси и заработки, така што чистата уметност станува памфлет за статус. Во целото лудило и безнадежност на постојано менување на власта и сквернавењето на хуманистичката линија кај уметникот, безнадежната балерина, ја бара вистината за себе. Поплавска го следи Стефановски во идејата дека само оној што ќе успее да се спои со своето дупло дно, може да создава вистинска уметност.

Сподели