Во Подгорица промовирана нова книга на Никола Маџиров

„Она што го кажавме нè прогонува“ е насловот на новата книга поезија и есеи на Никола Маџиров што беше промовирана деновиве во галеријата „Ристо Стијовиќ“ во Подгорица, Црна Гора. Станува збор за двојазично издание што го објави Институтот за учебници и наставни средства како дел од едицијата „Мостови“, а во превод на Ненад Вујадиновиќ.

На промоцијата беше прикажано видеото на познатата кантавторка Бека Стивенс, два пати номинирана за наградата „Греми“, која го користеше текстот на песната „Очи“ посветен на Васко Попа за нејзина песна. Ова не е единствен и прв случај текстовите на Никола Маџиров да стигнат до популарна музика, пред тоа тој го инспирираше џез-музичарот Оливер Лејко (познат по соработката со Лу Рид и Бјорк), како и италијанскиот класицист Анџело Иглезе и многу други.

– Мислам дека секоја книга е избор“, рече на промоцијата Маџиров, „бидејќи самото пишување поезија е избор. Секој збор што го запишуваме на хартија е превод – превод на мислите, стравовите, несигурностите – рече Маџиров и додаде дека секој збор го гледа како лузна на книгата.

Дури и сивата боја на насловната страница на црногорското издание, тврди поетот, сугерира дека не е сè во животот црно или бело.
– Животот е во таа цртичка што ги поврзува црното и белото, во цртичката на надгробната плоча, тој е толку кратка, а може да биде многу долга – рече тој.
Тој смета дека секоја книга е отворен хипертекст и почеток на дијалог, а нему, како што самиот истакна, му се допаѓа динамиката на зборовите и кога работите се менуваат, па преведувањето на други јазици за него е слично како враќањето на почетокот.

Не беше тешко да се преведе поезијата на овој автор бидејќи тој едноставно е брилијантен, истакна Вујадиновиќ.
– Се заљубив во неговата поезија штом ја прочитав за прв пат. Таа им пркоси на сите мои омилени книжевни теории, особено на теоријата на Ролан Барт, омилениот структуралист на сите кој тврди дека единствено важна работа е текстот. Мислев дека таа теорија е сосема точна додека не го запознав Никола. Тој е целосно втиснат со своето битие во неговата поезија. Кога ја читате неговата поезија, тоа е како да разговарате со него. Тој е книга што оди, а неговите книги се Никола во кориците – рече Вујадиновиќ.

Некои од есеите на Маџиров за првпат се објавени во книгата „Сè што кажавме нè прогонува“. Неговиот пристап кон оваа форма на изразување е комбинација на длабока рефлексија и прецизна анализа.
– Есеите не постојат затоа што нешто треба да се објасни. Есеите постојат за да отвораат прашања. И верувам дека ако поезијата ја зачува својата невиност дури и кога зборува за терор, есеистичкото пишување е таму за да воспостави некаков баланс помеѓу почетокот и крајот, како некоја архитектура на постоењето. Есеистиката ти ја дава таа широчина на ентузијазам, те тера да не се плашиш од туѓите текстови, туку да ги прифаќаш, за да не се плашиш од својата необразованост кога ќе застанеш пред библиотека – рече Маџиров.

Сподели