Инклузивна театарска претстава „Ѕуница“ во МКЦ

Во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одигра инклузивната театарска претстава „Ѕуница“. Децата од дневниот центар и нивните другари, инспирирани од сликовницата „Ѕуница“, по втор пат подготвија инклузивна претстава. Режијата е на Роберт Ристов, сценографија на Сара Синани, драматург – Дарко Спасов, а илустрацијата и графичкиот дизајн на Иванка Ниба. Преведувач на знаковен јазик е Соња Кимова Делевска. Влезот е со симболична цена од 100 денари.

Ќе настапат актери: Калина Груиќ, Арабела Тудиќ, Магдалена Стојкоска, Ангела Делевска, Калина Чанговска, Анамарија Здравеска. Од Здружението „Доза среќа“ пак, ќе настапат: Никола, Христијан, Дарко, Коста, Денис, Рабије, Ава, Кан, Кристијан, Орхан, Ариел, Софи…

Претставата е работена според сликовницата „Ѕуница“ од Бранислав Николов и Иванка Ниба во издание на издавачка куќа „Светулка“. Во авантура ве носат Бојана, Мендо, Зајче и Птичка кои сложно ќе одиграат една братска слога. Авторот беспрекорно отсликува четири профили на ликови кои се различни, но секој вреден на свој начин.

„Ѕуница“ за прв пат беше промовирана на Саемот на книга 2023 година, учествуваше со промоција и работилница на фестивалот „Млади европски приказни, млади креативци“, учествуваше на фестивалот „Литера“, имаше промоција во Гевгелија, Битола и во Охрид. Децата од сите градови веќе си имаат своја омилена строфа и илустрација, па направија ремек дела на работилниците кои беа организирани во склоп на промоциите. Сликовницата е достапна во најголеите книжарници кај нас но и онлајн на фб страната на Едиција Светулка.

Сподели