Под звучниот слоган „Една сцена, звук на светот“ и конципирана програма од страна на селекторот Владимир Димовски, од 23 до 24 ноември ќе се одржи Фестивалот на музика од светот во Битола. Посебен фокус на програмата е концертот на славните „Лајбах“ на 25 ноември (сабота) во Центарот за култура.
– Додека броиме пар денови до стартот на ова јубилејно издание, сакам да се вратам наназад и на сите славни имиња кои стапнале на сцената на Центарот за култура. А таа листа е навистина неверојатна и е доказ за каков музички настан се работи и како овој Фестивал на музиката од светот стана составен дел не само од битолското културно ткиво, туку е важен и за публика од нашата земја и надвор од нејзините граници. Гостувањето на „Лајбах“, кој доаѓа во Битола во рамките на нивната официјална европска турнеја привлече публика и од соседните држави и тоа е за мене доказ дека можеме и повеќе – истакна Маја Андоновска-Илијевски на прес конференцијата.
„Посебно сум воодушевена што сум сведок на зближувањето на соработките, па така оваа година во ОФФ програмата имаме партнерство со Europe House Битола и со Олабај, како поддршка на нашите намери да го шириме фестивалот” – истакна Андоновска-Илијевски.

„Олабај“ постои да ја поврзи меѓународната програма на фестивалите со локалната сцена. Па така ги надополнувавме програмите на дел од меѓународните фестивали во Битола. Така, во овој фестивалски проект ја организираме промоција на првиот самостоен албум на Горан Таневски – Асценд. Тој е една од најмаркантните личности на македонската музичка алтернативна сцена. Eден интересен податок би сакала да споделам со вас, токму Горан Таневски како концертен промотор за прв пат ја доведува словенечката група „Лајбах“ во Македонија. Тоа се случи пред добри 30 години, а годинава тие заедно ќе ја делат сцената на Фестивалот на музика од светот во Битола. Со тоа слоганот „Една сцена, звук на светот добива вистинско значење“ – изјави Маја Ангеловска од „Олабај“.
Креирање и поддржување на настани од областа на културата кои се важен фактор за децентрализација на културата и анимирање на младата публика во Битола се фокус на Europe House Bitola, па оттука и нивната поддршка.
„Ако музика од светот е пулсот, нашите локални изведувачи се гласот и јадрото на културниот бран кој непрекинато треба да се шири и поддржува.
Под мотото #SupportLocalArtists, ја поддржуваме и ОФФ програмата на ова издание на Фестивалот на музика од светот – истакна Иван Дургутовски, координатор за настани на Europe House Bitola – алатка за комуникација на Делегацијата на Европската Унија.
фото: Диоген Хаџи Коста Милевски





