Промоција на книгите „Неправилен ритам“ и „Радио“ на Љупчо Јолевски и разговор со авторот ќе се реализира вечерва во 19 часот во Europe House Струмица. На настанот ќе учествуваат: Ана Стојаноска (писателка и театролог), Добрила Грашеска (музичарка), Мирна Трпкова (музичарка), отец Теофан и Никола Пијанманов (ликовен уметник).
-Љупчо Јолевски е новинар кој длабински сондира во културниот хумус на нашата земја. Будно следејќи сè што се случува на уметничката сцена (музика, театар, книжевност, филм, визуелна уметност) Јолевски со своето перо остава неизбришливи траги, документи, историја која не само што е дел од информирањето на културната јавност, библиографските единици на институции или професионалци, туку е и суштинска база за истражувања и сознанија кои се клучни за проучување на настани, периоди, правци, уметници во блиската или подалечна иднина, своевидни артефакти без кои какво било академско пообемно проникнување е невозможно – вели Ана Франговска, историчарка на уметноста.
За својата долгогодишна работа во новинарството, минатата година ја доби наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје.
Љупчо Јолевски професионалната новинарска кариера ја започнал во почетокот на 1980-те во весникот на младите на Македонија – „Млад борец“. Безмалку едновремено со почетокот од Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Најнапред бил соработник, потем и новинар и уредник на културната рубрика во Редакцијата. Паралелно соработувал во Македонската радио телевизија, на почеток во младинските емисии на Втората програма во Радиото, а потоа како автор и водител на музичко-забавната емисија „Видеометроном“ и на контактната „Неделно попладне“.
Една деценија подоцна, во 1990-те се префрла во Втората програма на Македонското радио, каде бил новинар и водител на неколку контактни и музички емисии, за да од 1995 година покрај редовните програмски обврски, цели четири години биде уредник – координатор на култната Стотројка (Музичкото радио – Канал 103), која во тој период за своите програмски дострели ја добива и Годишната награда на МРТВ.





