Mонографијата „Чашуле: приказнувачот” на авторката Ана Стојаноска беше промовирана во саботата, на сцената на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на последниот ден на фестивалот „Млад отворен театар“. Изданието е соработка на Стојаноска, соработка со „Арс Ламина” и ФДУ. Промоцијата за ова невообичаено издание беше исто толку несекојдневна и невообичаена. Публиката ја пречека музиката од претставата „Црнила ремикс”, чија реконструкција е сместена во централниот дел на монографијата на црна хартија со бели букви. Оваа реконструкција е важна, затоа што за прв пат во театролошката наука е направена реконструкција на претстава врз база на музиката од претставата.

Промоцијата ја отвори актерката Ангела Стојаноска која прочита дел од првиот текст во монографијата, посветен на личното сеќавање на авторката за Коле Чашуле. Во книгата на многу инвентивен начин се споени емотивното, научното, стручното и теориското. Највпечатлив дел од промоцијата беше влегувањето на дел од актерите на претставата „Црнила ремикс” и како што кажаа официјално: „Организацијата ја презеде промоцијата”. Тие ја изведоа истоимената „Организацијата” од претставата. По нивната изведба, за книгата зборуваше професорката Јелена Лужина која ги истакна сите особености на книгата. Според неа ова е „книга што ги надминува сите досегашни монографски изданија по начинот на кој е напишана и, пред сè, отпечатена”.
– Напишав ретка и уникатна книга во повеќе слоеви со многу значења – рече Стојаноска.
Таа им се заблагодари на сите што помогнале да ја има монографијата, истовремено, автентично го објасни значењето на терминот „приказнувач”, збор што таа го има измислено во спомен на Чашуле кој како што таа рече „е нејзиниот учител по пишување и втор татко“.

Лужина ја истакна важноста на монографијата, посебно зашто ги следи и современите светски театролошки трендови, прави нешто мошне инвентивно и ново, а истовремено ги спојува сите нејзини примарни афинитети: прозата, поезијата, драмата и театрологијата.

По искрениот и посветен говор на професорката Лужина, сцената повторно ја освоија актерите од „Црнила ремикс” со изведбата на „Муграта на Пирин”. После нив, на публиката ù се обрати продеканот за настава на ФДУ, Сашо Кокаланов, кој ја раскажа целата постапка и истрајноста на авторката да направи монографија каква што е замислена и инсистирајќи на визуелното исто толку колку и на наративното.

Последната изведба на актерите од „Црнила ремикс” (Александар Михајловски како Фезлиев, Стефан Вујисиќ како Луков, Ненад Анѓелковиќ како Младичот и Горан Ников како Методи) беше „Ѓорче е убит”.





