„Цензура во име на моќниците“ – новинарите протестираа пред Граѓанскиот суд во Скопје

Осудени за вистината, Ми се објавува, ми се плаче, Цензура во име на моќниците, се дел од транспарентите со кои новинарите денеска го искажаа револтот пред Граѓанскиот суд во Скопје поради пресудата за во случајот „Фероинвест против ИРЛ“. Според пресудата, новинарите од „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ) не се новинари затоа што не се вработени во класичен медиум (печатен, телевизија, радио) и според тоа немале право да споделуваат новинарски содржини.

Поддршка на ИРЛ дадоа стотина новинари и медиумски работници. На дел од нив усните симболично им беа залепени со самолеплива лента. Претставници од Здружението на наовинарите на Македонија и на Синдикатот на новинари и медиумски ù доделија признание „Цензор на годината“ на Јованка Спировска-Панева – судијката која ја донесе пресудата против новинарите од ИРЛ.

Новинарот Сеад Ризвановиќ потенцира дека протестот не само за поддршка на ИРЛ туку на сите новирани.

– Новинарите зборуваат во име на граѓаните. Кога не забрануваа нас, забрануваат граѓаните да го кажат својот глас, да ја слушнат вистината. Не му успеало никому досега, нема да успее ни сега. Затоа дојдовме пред Судот да ја пратиме пораката. И нема да застанеме – рече Ризвановиќ.

Биљана Настеска Каланоска од ЗНМ најави дека ќе испратат барање до судиите од Граѓанскиот и Апелациониот суд за поголемо разбирање и внимателност во постапките и тужбите против новинарите и медиумските работници Тие ќе бараат со голема сериозност да се земаат предвид одлуките на Советот за етика во медиумите на Македонија и на Советот на честа за да се заштити кредибилитетот и интегритетот на новинарите и медиумските работници во Македонија.

Новинарката Ирена Мулачка рече дека години наназад судиите работат во корист на бизнисмените и на политичарите. Според Горан Теменугов, проблемот е во тоа што некој сака да ги дефинира новинарите – со закон да кажува кој може да биде новинар, а кој не.

– Само да ја потсетам јавноста дека слободните новинари се сржта на истражувањето и длабинското новинарство каде обработуваме теми кои се многу важни за јавноста – рече Теменугов.

Реакција за пресудата имаа и од Агенцијата за аудиовизуелни медиуми (АВМУ), од каде потенцираа дека слободата на изразување е уставно гарантирана категорија и како таква е неприкосновена.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сподели