Бизарното поплочување со „зеленикав шкрилец“ ја разбранува јавноста и го отвори прашањето за автентичноста на каменот кој не се вклопува со оној вграден на црквата. Но, клучното прашање не е бојата на каменот и начинот на изведба, но што е автентично во целиот комплекс и по што треба да се раководат конзерваторите кои треба да изработат проект за презентација
Пишува: Донка Барџиева-Трајковска, претседателка на Центарот за културно наследство
Заштитата на културното наследство е општествена дејност, административна, нормативна и ограничувачка. Нормативата доколку не е изведена во систем, фундиран на специјалистичко и субспецијалистичко познавање на различните видови на културното наследството, најчесто предизвикува негативни ефекти. Но, системот исто така мора да претпостави и соодветен пристап, посебен приод кон споменикот на „нему својствен начин“. Што значи тоа? Имено, културното наследство односно поединечните примероци на споменици на културата кои ја чинат неговата целина, се производ на слободна индивидуална креација, обвиена со превез на тајновитост кој тешко може да се открие без соодветен приод. Секој споменик е посебен, еден и единствен. Како таков, тој ниту може, ниту треба целосно и до крај, да се подведе на пропишаните административни правила кои се унифицирани и безлични. Или поинаку кажано, во една утврдена административна постапка, доколку сакаме да го заштитиме споменикот, мораме да му пријдеме на соодветен начин, затоа што, во огромниот корпус на културно наследство, секој поединечен споменик поседува духовни, идејни, свештени аспекти, кои го формираат и го обезбедуваат неговиот долгорочен опстанок. Тоа значи, дека особено во процесот на реставрација треба да се води грижа за нематеријалните карактеристики кои се изразени во материјалот на објектот. Не постои артефакт или споменик на културата во кој не е вградена вера и духовност, која на своевиден начин го оплеменува, го „сакрализира“/го прави свештен. Особено кога станува збор за византиските цркви. Ако нашиот пристап е профан и на нив гледаме само како на материјал со одредена форма, односно како на празна лушпа, без да се обидеме да проникнеме во нивната тајновита сложеност, нужно ги губиме.
Токму заради отсуството на соодветен приод, заштитата на културното наследство, не секогаш ги дава очекуваните резултати и се појавува како нејзин антипод.
Последните случувања поврзани со „конзервација и презентација“ на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, претставува нагледен пример за тоа, како несоодветниот приод во заштитата се појавува како нејзин антипод. Патот кој го помина „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане во процесот на заштита и реставрација поврзана со стекнување статус на споменик на култура и неговата трансформација од субјект по себе, во објект/градба е долг и исполнет со несоодветни пристапи и интервенции, кои повеќе му наштетија отколку што го заштитија. Во глобална смисла, како споменици на култура сместени во категоријата на сакрално наследство, тој пат го поминаа и сè уште го поминуваат многу византиски цркви. Со првите конзерваторски работи на византиските цркви во Македонија, извршени во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, беа откриени значајни фреско ансамбли во различни региони на државата. Со чистењето на наслагите од чад и отстранувањето на подоцнежните преслики, се овозможи појавата на оригинален стар живопис од XI, XII, XIII и XIV век, скоро во интактна состојба, со минимални оштетувања. („Св. Пантелејмон“ во Нерези, „Св. Богородица Перивлепта“ („Св. Климент“), „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, „Св. Димитриј“, Марков манастир, „Св. Андреа“, Матка, „Св. Архангел Михаил“ во Лесново…).
На почeтокот на дејноста заштита и реставрација, главната грижа на малкутемина конзерватори, главно историчари на уметноста, беше поврзана со спречувањето на продор на влага во црквите со препокривање на покривите со ќерамиди и камени плочи. Но, заради карактерот на материјалот самото препокривање не можеше да обезбеди трајна заштита и бара постојано и континуиано одржување од страна на имателот. Со смената на имателот и сопственоста, грижата за континуирано одржување премина на државата во чија надлежност е огромен фонд на национално културно наследство, а мал број на институции и стручен кадар за заштита. Настрана од финансиските аспекти, проблемот на континуирано одржување и чување на спомениците на културата е забавено, отежнато заради нормативните ограничувачки спекти на заштитата како дејност. Бидејќи еднаш реставриран објект и оставен со децении без перманентно чување и одржување, создава нови и посериозни проблеми. И покрај бројнте проблеми кои се појавуваат, само извршените интервенции на конзерваторските екипи предводени од првата генерација дипломирани историчари на уметност можат да се подведат под терминот „реставрација“ иако не целосно во духот на современите толкувања на овој термин. Потребно е да им се оддаде јавно признание на првата повоена генерација историчари на уметност, проучувачи и конзерватори, и нивната заслуга во реставрацијата со користење на традиционалните вградени материјали во градбата и живописот. Тоа се потврдува и со реставрацијата на црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Старо Нагоричане, која сè до осумдесеттите години на минатиот век остана покриена со камени плочи и со респектабилно партерно уредување како завршна презентација. Веќе кон средината на седумдесеттите години, реставрацијата е заменета со авторски-проектантски приод поврзан со интенцијата за „трајно решавање“ на продорот на влага во црквите за сметка на перманентното одржување. Драстичните зафати на кровните конструкции со поставување на нови оловни покривачи не само што не го реши проблемот тукупредизвика рушење/отстранување на оригинални делови од градбата како дел од грдаителскиот систем кој го обезбедува опстанокот на живопиост.
Во осумдесеттите/деведесеттите години на минатиот век и Нагоричане доби нов авторски покрив од бетон со адитивен премаз кој несовесно беше оставен десет години без оловен покривач. Црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Старо Нагоричане е нем сведок, дека не постои трајно решение и дека дури и оловниот покривач доколку не е изведен професионално предизвикува перманентно оштетување на живописот. Денес само старата документација и ние неколкумина конзерватори, сведочиме за извонредно сочуваниот живопис и оштетувањата кои се појавија од заробената влага набргу по поставувањето на новиот авторски покрив. Наместо да го заштити, овој покрив предизвика циклични процеси кои што негативно делуваат на живописот. Бидејќи по секое ново оштетување живопиот се конзервира, а со секоја нова конзервација сликаниот слој се оштетува и потоа се ретушира, така се појавува своевиден маѓепсен круг од кој живописот не може да се спаси. Пример за вакавата состојба е живопиост во црквата „Св. Богогородица Перивлепта“ кој во 1984 година доби нов авторски проект. Наспроти ова, сè уште е актуелна мислата на Џон Раскин, дека доброто одржување на спомениците е далеку подобро од ригорозната реставрација.
Но, да се навратиме на Нагоричане и на актуелните случувања поврзани со прашањето за чувањето на автентичноста. Бизарното поплочување со „зеленикав шкрилец“ ја разбранува јавноста и го отвори прашањето за автентичноста на каменот кој не се вклопува со оној вграден на црквата. Но, клучното прашање не е бојата на каменот и начинот на изведба, но што е автентично во целиот комплекс и по што треба да се раководат конзерваторите кои треба да изработат проект за презентација. Имено во комплексот сè е автентично освен конзервацијата, сите фази од XI до XX век се автентични, а прашање на валоризација е која фаза ќе се презентира. Покривот на црквата не кореспондира со првобитниот изглед на храмот од XIV век, партерното решение е од шеесеттите години на минатиот век, а поплочувањето со зеленикав шкрилец не може да се подведе под ниту еден конзерваторски поим и како таков ниту да се одбрани. Црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Старо Нагоричане претставува една сложена целина која треба соодветно да се третира, од покривот до подот, преку живопиост и ѕиданиот иконостас, до партерното уредување како завршна презентација. Но простете, крајно лицемерие е да го реконзервирате авторскиот покрив кој е штетен и перманентно го загрозува оригиналниот живопис, а потоа да говорите за поплочување со шкрилец и соодветна боја кој би се вклопила со автентичниот изглед на каменот од градбата. Впрочем, шкрилецот се користи пред сè како покривен материјал, а за подовите и партерот се користи гнајс, но за тоа во следната прилика…





