УНХЦР: Најмалку 4,4 милиони луѓе во 95 држави се без државјанство

Македонија ги измени своите закони за да им овозможи на лицата без државјанство да добијат државјанство и да осигура запишување на раѓањето на сите деца родени во државата, без разлика дали нивните родители се лица без документи или лица без државјанство, ова е еден од важните резултати постигнати низ светот во придонесот кон поништување на разорното влијание на бездржавјанството, извести УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, одбележувајќи ја деветтата годишнина од својата децениска кампања Јас припаѓам (#IBelong).

Во 2023 година, Република Киргистан и Република Молдавија воведоа законски заштитни мерки со кои се помага во спречувањето на бездржавјанството при раѓање. Португалија одобри законска рамка со која се регулира статусот на бездржавјанство, вклучувајќи и воспоставување на постапка за одредување на бездржавјанство. Републиката Конго стана најновата држава која пристапи кон конвенциите за бездржавјанство.

Само оваа година, околу 7.000 лица без државјанство од заедницата Пемба беа потврдени како државјани на Кенија, а повеќе од 3.000 поединци кои беа во ризик од бездржавјанство добија државјанство во Занзибар, Танзанија.

Вкупно 97 држави сега се членки на Конвенцијата од 1954г. за статусот на лицата без државјанство, а 79 на Конвенцијата од 1961г. за намалување на бездржавјанството. Десетици држави исто така воведоа заштитни мерки во своите закони за да го спречат бездржавјанството или воведоа постапки со кои ги штитат лицата без државјанство.

„Напредокот направен во борбата против бездржавјанството е позитивен и им честитаме на државите за преземената акција. Но, тоа не е доволно. Со зголеменото глобално присилно раселување, милиони луѓе се оставени на маргините, лишени од сопствените основни човекови права, вклучувајќи и од учество и придонес кон општеството. Ова исклучување е неправедно и мора да се решава,“ рече Високиот комесар за бегалци при ОН, Филипо Гранди.

Најмалку 4,4 милиони луѓе во 95 држави се известува дека се без државјанство или имаат неодредено државјанство. Се смета дека светската бројка е значително повисока со оглед на релативната невидливост на лицата без државјанство во државните статистички операции.

Непризнаени како граѓани од која било држава, лицата без државјанство често се лишени од човекови права и пристап до основни услуги, често оставајќи ги политички и економски маргинализирани и ранливи на дискриминација, експлоатација и злоупотреби. Несразмерен број од лицата без државјанство во светот се членови на малцински групи, за кои бездржавјанството ја продолжува и влошува дискриминацијата и маргинализацијата која веќе ја живеат.

„Иако бездржавјанството има многу причини, во многу случаи, тоа може да се реши преку прости законски измени и промени на политиките. Ги повикувам државите ширум светот веднаш да преземат акција и да осигураат дека ниту еден човек нема да биде изоставен,“ рече Гранди.

Сподели