Во Драмскиот театар во Скопје, вечерва во 20 часот ќе гостува претставата „Соѕвездија“ на Театарот од Куманово. Претставата е работена според текстот на Ник Пејн, а во режија на Нела Витошевиќ. Улогите ги толкуваат: Александра Пешевска, Мирослав Петковиќ, Нина Максимова, Марко Трајковиќ, Владанка Крстевски и Давид Илиќ. Сценографијата е на Васил Христов, музиката – на Огнен Анастасовски, костимите – на Розе Трајческа.
Претстава за изборот на одлуки што го дефинираат правецот на нашиот живот, за слободната волја, за улогите на случајноста и неочекуваните ситуации (што ни ги носи животот), за загубата и разделбата од најблиските. Шестмина актери, ослободени од претензија за атрактивност и допадливост, постепено градат мозаик од стилски повторувања на зададена тема, кој прераснува во мошне прецизен механизам и ја развива до крај драмски софистицираната приказна за љубовта помеѓу пчеларот Роланд и физичарката (космолог) Мериен. Тргнувајќи од основните поставки на квантната физика се преиспитуваат варијациите на љубовниот однос и можностите за негов развој во паралелни универзуми, како и феноменот на времето и паралелното постоење во таканаречениот „мултиверзум“…





