Клучна улога во кариерата на Вера одигруваат средбите со познатата Вања Лазарова (една од најголемите певици на традиционална музика). Она што најмногу ја инспирира Вера е мотото на интерпретацијата на Вања Лазарова, а тоа е дека „пеењето е состојба на душата“
„Македонскиот вокален мелос во современиот контекст – оживување на една заборавена музика“ е насловот на предавањето на Вера Милошевска-Јосифовска, позната и како Вера Љубојна кое денеска во 17 часот ќе биде одржано во малата сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Настанот е во рамките на отворените предавања кои се одржуваат на ФМУ подолго време.
Во налет на експресивната популарна култура, медиумска експанзија и бројните светски музички правци, традиционалната музика која беше на маргините на општествената и творечка култура, со други зборови: скоро заборавена, повторно стана актуелна. Во процесот на нејзина актуелизација во сосема ново опкружување и контекст, односно нејзино „осовременување“, таа подлежи на процеси на трансформација, преобразување, преработување, хибридизација, адаптација, трансмисија, акултурација, како и транскултурација, објаснува Милошевска-Јосифовска.

– Исто така неодминлив факт е дека во таа медиумска експанзија и културна транзиција, се појавува турбо фолк движењето кое и тоа како ја креира тенденцијата на популарната музичка сцена и сосема го менува целокупното гледиште кое досега го имавме како за популарната музика, така и за предмодерната музика. Од друга страна пак на светската сцена и во светските музички индустрии се случуваат рапидни промени во музичките соодноси, изрази, стилови и правци и процеси кои заслужуваат поголемо внимание, бидејќи се показател за тоа во кој правец се одвиваат промените, кои фактори влијаат на овие промени, кое е моменталното гледиште за традиционалната музика наспрема современата музика и сцена, нејзината улога во популарната музика и слично. Мојата улога на етнолог/антрополог, музичар и интерпретатор, како и мојот истражувачки интерес во оваа книга е да преку анализа на сите овие процеси и појави, а и како резултат на мојата долгогодишна работа во полето на музиката и сцената, особено во полето на македонската традиционална музика, направам критички пресек и синтеза на сите влијателни фактори на денешната состојба во која традиционалната музика е дел од масовната култура – вели Милошевска-Јосифовска.

Вера Љубојна е препознатлив вокален интерпретатор од новата генерација на музички артисти и популарен пејачки бренд, која што му дава нова перспектива и нов свеж звук на пеењето и воопшто на современата сцена во Македонија. Комбинирајќи го духот на македонското традиционално женско пеење со изразот на современата жена, Вера донесе оригинален пејачки стил на сцена, кршејќи ги стереотипите поврзани за старото и новото, сегашноста и минатото, како и старомодното и актуелното. Родена е во Скопје, а пее откога знае за себе. На осумгодишна возраст се зачленува во детскиот, а потоа и во женскиот хор под диригентство на Запро Запров, познат по својата методологија и одличната вокална техника. Слушајќи ги нејзините баби како пејат традиционални македонски песни, во неа се буди нов музички импулс кој отвора сосема различна музичка димензија. Ова доживување ја следи сè до средбата со неколку млади луѓе од „Оркестар Пеце Атанасовски“, ученици на добро познатиот виртуоз на гајда Пеце Атанасовски. Се приклучува на женската пејачка група на оркестарот, со кој соработува до 1999 година кога го издаваат нивното прво аудио издание.

Клучна улога во кариерата на Вера, одигруваат средбите со познатата Вања Лазарова (една од најголемите певици на традиционална музика). Она што најмногу ја инспирира Вера е мотото на интерпретацијата на Вања Лазарова, а тоа е дека „пеењето е состојба на душата“. Следејќи го нејзиниот пример, таа гради кадифен автентично препознатлив вокал, кој стана водечки бренд во современото македонско пеење и направи пресврт на македонската музичка сцена. Нејзината кариера потоа продолжува во француската танцувачка компанија на кореографот Jean-Francois Douroure, каде што во следните две години интензивно работи и настапува низ театрите ширум Западна Европа и Балканот
За време на еден од тие настапи го запознава Оливер Јосифовски, во тоа време студент на Софискиот музички конзерваториум, со кој започнуваат нова музичка приказна. Делејќи иста инспирација за нови креативни музички истражувања, во 2001 годин ја формираат групата „Љубојна“, а во 2005 го снимаат нивниот деби албум „П.С.О.“ Од тој момент „Љубојна“ станува музичка лабораторија и идеја за музика околку која гравитираат голем број на музичари.

Вера Милошевска-Јосифовска работи како редовен професор по пеење при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а освен завршените студии по етнологија на УКИМ, таа неодамна магистрираше фолклористика при Институтот „Марко Цепенков“ – Скопје, од областа на музикологијата. Учествуваше во проект со пионерите на норвешката електронска и експериментална музика Јан Банг и Арве Хенриксен отворајќи го годинешното издание на Скопје Џез Фестивал, а настапи како комплетен кантавтор и интерпретатор на фестивалот Макфест. Во тек е издавањена на нејзината прва теоретска литература, како и работилници со младинци и концерти ширум земјава.





