Со државни стипендии во странство десетина години директно поттикнуваме одлив на мозоци

Ниту еден стипендист што не се вратил во државата не ја вратил сумата предвидена во договорот со МОН – ова е еден од заклучоците на истражувањето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.

Ниту еден од корисниците на стипендии кој не се вратил во државата согласно договорот склучен за доделување на стипендијата не ја вратил сумата предвидена во договорот и за ниту еден студент не била активирана меницата која ја потпишал при склучување на договорот како гаранција за преземената обврска – ова е еден од заклучоците до кои дошле професори што истражуваа како се доделуваат државни пари за студентски стипендии во странство. Истражувањето го организираше НАкС – Независниот академски синдикат и се однесува стипендисти на прв циклус студии во странство финансирани од МОН за периодот за академските од 2013/14 до 2017/18 година и стипендисти на втор циклус студии во странство финансирани од МОН за периодот за академските од 2010/11 до 2020/21 година, на еден од првите 100 странски универзитети на Шангајската листа.

Анализата ја подготвија: проф. д-р Мимоза Ристова, проф. д-р Виктор Стефов и проф. д-р Мирјана Најчевска, и ја промовираа денеска во Институтот за социолошки и политичко-правни студии. Тие предлагаат да се укинат овие стипендии, освен за дефицитарни кадри што би биле прецизно регулирани со правилник.

– Доделување на овие огромни средства за студирање во странство се почнати во време кога не се доделуваа стипендии за постдипломски и докторски студии во МОН, а дури од пред две години во многу мал обем истите почнаа да се реализираат и во земјата. Истовремено од 2009 година не се реализираат конкурси за домашни научноистражувачки проекти. Сметаме дека практично сите доделени средства (во милионски суми, само од нас обработените податоци се работи за 8,5 милиони Евра, додека Радио Слободна Европа на 11.12.2021 година спомнува сума од 20 милиони долари, а Стопанската комора сума од 24,4 милиони евра потрошени средства за оваа намена) многу подобро ќе беше да се вложеа за стипендирање на студенти во нашата земја и/или да се вложеа во научноистражувачки проекти во земјата. Вака излегува дека ние со државни пари десетина години директно потикнуваме одлив на мозоци од најчувствителниот сегмент за развојот на земјата, а тоа се младиот образуван и талентиран кадар – велат во соопштението.

Со оглед на тоа дека станува збор за доделување неповратни средства од Буџетот на државата наменет за развој на високото образование на физички лица, од исклучителна важност е да се утврди како се доделуваат овие средства и кои се резултатите од остварениот студиски престој во странство за пошироката заедница, академската заедница во државата и бизнис секторот.

Во анализата се користени податоци добиени од страна на Министерството за образование и наука, законски и подзаконски акти со кои се регулира релевантната материја и податоци достапни на интернет.

Основаната цел на оваа студија е да ги анализира состојбите во високото образование на Република Македонија поврзани со стипендирањето од МОН на наши државјани да студираат на еден од светските универзитети и ефектите за нашата држава од таквото буџетско зафаќање.

Материјата за добивање стипендии за студирање во странство не е до крај и соодветно регулирана со Законот за студентски стандард и воопшто не е предмет на регулирање во Законот за високо образование.

Во ниту еден закон или подзаконски акт не е определен посебниот интерес на Северна Македонија за конкретни студии или градење на конкретен кадар како основа за доделување на стипендиите за студирање во странство.

Во Правилникот за видот на студентските стипендии и начинот на доделување на студентските стипендии на студенти кои студираат во странство не е направено раздвојување на генералните и посебните критериуми за добивање стипендија.

Во Правилникот не се прецизирани (конкретизирани) посебните критериуми за добивање стипендија за студирање во странство што би овозможило недвосмислено рангирање на кандидатите.

Постоењето на можност за добивање дополнителни усни информации во МОН отвора простор за различен третман на кандидатите.

Во ниту еден од законските и подзаконските акти не се дадени процедури кои би овозможиле поврат на средствата дадени на име стипендија во случај кога кандидатот нема да ја изврши обврската за враќање и работа во државата

Сите овие елементи заедно ја оневозможуваат или во најмала рака ја отежнуваат постапката за жалба на кандидатите во случаите кога не се задоволни од одлуката на МОН, односно одбиено е нивното барање за добивање стипендија.

Истражувачите посочуваат дека е потребно да се направи баланс меѓу средствата кои се издвојуваат за поддршка на студентите во државата, условите за нивно студирање и академската заедница во целина и средствата кои се издвојуваат за поддршка на студирање во странство.

Фото: Јутјуб/Бостон универзитет

Сподели