Киногрупацијата „Cineplexx“ денеска ја започна изградбата на својата втора локација во Скопје, во новиот трговски центар „Ист Гејт Мол“. Членот на Управниот одбор задолжен за развој на деловни активности на групацијата „Синеплекс“, Лукас Лангхамер и извршниот директор на „Скопје Ист Гејт“, Игор Давков го потпишаа договорот за соработка.
„Синеплекс“ започнува со градежните активности за мултиплекс кино, со површина од приближно 3.000 метри квадратни и повеќе од 1.000 места во осум сали, каде што посетителите ќе имаат можност да ја доживеат филмската магија преку најсовремената кинотехнологија, прикажувајќи домашни и меѓународни филмови, додека љубителите на филмот ќе уживаат во добро познатите високи стандарди за услуги на „Синеплекс“.

Игор Давков и Лукас Лангхамер
– Како лидер за иновации, ние сме посветени на нашите посетители да им го понудиме најдоброто киноискуство и сме многу горди што наскоро истото ќе биде достапно и на нашата втора локација, која дополнително ќе го збогати културниот живиот во Скопје – изјави Лангхамер.
– Многу сме среќни што единствениот кино простор го отстапивме на реномираниот лидер на пазарот во Југоисточна Европа, „Синеплекс“, обезбедувајќи најсовремено уникатно киноискуство за нашите посетители. Киното ги збогатува забавните содржини во трговскиот центар „Ист Гејт Мол“ и уште повеќе ќе придонесе за збогатување на културниот живот во Скопје, особено имајќи предвид дека ова е првото кино што се отвора во овој дел од градот – изјави Давков.





