Изложбената поезија на Марија Митева достапна во „Мала станица“ до 5 ноември

Во прекрасната атмосфера на галеријата во „Мала станица“ во Скопје, пред преполната сала завчеравечер беше претставена првата збирка поезија на Марија Митева, „Стражари на ноќта“. Станува збор за специфично издание на „Полица“ во кое се поместени 24 песни, изложени во форма на исто толку издизајнирани постери во голем формат.

Збирката, пак, наместо меѓу корици, е во форма на папка во која се сместени 24-те песни на издизајнирани листови во А4 формат, кои можат да се врамат и изложат. Тоа е и идејата на поезијата што Митева ја нарекува изложбена поезија.

Зад дизајнот на песните на Митева се потпишуваат седуммина уметници од визуелната уметност, сликари, вајари, дизајнери, илустратори и тоа: Зоран Кардула, Владимир Мартиновски, Александар Стојчевски, Катерина Јовчевска, Филип Ивановски – Пепе, Филип Мартиновски и Ања Ангеловска. Уметниците работеа со четирите „бои на ноќта“ и преку своите илустрации имаа предизвик да го претстават своето видување на различните теми на песните.

А темите кои се во фокус на поезијата се прелеваат од општествениот живот во капиталистичкото уредување, предизвиците на урбаното живеење, преку секојдневните соочувања со системот, до многу интимни и длабоки човекови емотивни состојби кои се нераскинлив дел од општественото битисување.

Идејата зад збирката илустрирана поезија ,,Стражари на ноќта” е споделувањето. Споделување на размислувања, идеи, креативност и светогледи со уметници од различни гранки, па следствено на тоа e и нејзиниот формат: папка со 24 постери кои може да се подарат, споделат, врамат секој посебно или како една целина. Така што, ова дело продолжува да се создава и реобмислува и по неговото издавање. Оттука, креативноста е во окото на читателот/гледачот, вели авторката.

„Стражари на ноќта“ е прва збирка поезија на Марија Митева (1995), која доаѓа три години по нејзината прва збирка раскази „Највисокото дно“ (2020), и таа во издание на „Полица“. Авторката и припаѓа на генерацијата најмлади автори во современата македонска книжевност.

Сподели