Во Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје во понеделник (30 октомври) ќе се одржи традиционалниот Саем за студии во Франција. Настанот ќе биде отворен за посетители од 11 часот, а официјалното отворање е закажано за 12 часот. Присутните ќе ги поздрави министерот за образование, Јетон Шаќири, францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер и Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилности.
– Саемот претставува неизоставен настан за средба на македонските средношколци, студенти, универзитетски професори, кои сакаат да го продолжат своето високо образование во Франција, или пак да остварат универзитетска соработка. Ова е одлична можност да се добијат сите потребни информации за понудата на студиски програми директно од претставниците на француските универзитети присутни на саемот, како и информации за сите аспекти на студентскиот живот во Франција – велат организаторите.
Настанот го организираат Францускиот институт во Скопје и француската агенција за високо образование Кампус Франс.





