Во Домот на Културата во Гевгелија синоќа беше премиерно отворена изложбата „Лица на револуцијата: Внатрешната македонска револуционерна организација низ фотографии 1893 – 1934 година“, од авторите Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски.
Изложбата прикажува досега необјавени портрети на македонски револуционери од илинденскиот и постилинденскиот период, како и од периодот меѓу двете светски војни, се до официјалната забрана на Внатрешната македонска ревовлуционерна организација во 1934 година.
– Граѓаните ќе имаат можност да се поврзат со минатото на својот народ на еден длабок, личен и емотивен начин, имајќи го предвид фактот дека приближно 90 отсто од изложениот фотографски материјал за првпат се открива на јавноста. Освен портрети на револуционерни икони како: Јане Сандански, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Христо Батанџиев, Христо Чернопеев и други, претставени се фотографии коишто го документираат учеството на македонските револуционери во Балканските војни 1912/13, Првата светска војна 1915/18, како и портрети од меѓувоениот период – велат организаторите.





