Родителот е и учител, бидејќи му помага на детето да научи правилно однесување, родителот е и тренер затоа што го поттикнува детето да се однесува уште подобро – слично како тренерот на спортски тим
Пишува: Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ООУ „Кочо Рацин“, Прилеп
Доколку вие не сте газда во домот како родител, линиите на авторитет лесно може да се заматат. Кога вашите деца не се сигурни кој навистина е главен, тие почнуваат да го губат својот ориентир, преземаат ризици или стануваат екстремни шефови кон вас. И на крајот, конфликтот се јавува затоа што веќе немате моќ да влијаете на нивното однесување. Едноставно кажано, ја губите контролата.
Улогата на детето не е иста како на родителот – родителот мора да биде главен и да носи одлуки, бидејќи во спротивно никој нема да биде главен. Многу родители се обидуваат да бидат пријатели со своето дете, затоа што не им се допаѓа идејата да бидат шефови. Главниот проблем со овој пристап е што пријател не е некој што ќе суди нечие однесување и дека пријателот е врсник.
Што значи да се биде шеф на дете?
Шеф е некој чија улога генерално ја дефинираме како некој што поставува организациски граници. Улогата на родителите е да поставуваат граници за своите деца и да поставуваат правила на однесување, повикувајќи ги децата на одговорност и обврска да ги сносат последиците од нивното однесување.
Улогата на родителите како некој што поставува граници е суштинска, но таа не е единствената што ја имаат. Родителот е и учител, бидејќи му помага на детето да научи правилно однесување, родителот е и тренер затоа што го поттикнува детето да се однесува уште подобро – слично како тренерот на спортски тим. За да бидете успешен родител, неопходно е да ги играте сите три улоги – особено тоа е важно доколку имате средношколец во куќата.
Кога децата се многу мали, на родителите им е лесно да бидат одговорни – тие донесуваат одлуки, ги водат децата во секојдневните активности и го организираат животот во домот. Тие исто така го следат однесувањето на нивните деца и одлучуваат што е соодветно, а што не.
Децата на возраст од шест до десет години обично ги слушаат барањата на нивните родители во повеќето случаи. Во овој период на растење на детето, родителите обично имаат тенденција да развијат пријателски односи со своите деца, освен доколку тие не покажат некои значајни проблеми во однесувањето. Тие се главно послушни, го прават она што родителите го бараат од нив и сакаат да поминуваат време со нив.
Но, на прагот на адолесценцијата, ситуацијата целосно се менува. Кризата често се случува не само поради недостаток на почит кон родителскиот авторитет, туку и поради ситуации во кои децата сакаат да бидат газди.
Кога тоа ќе се случи, на многу родители им е тешко да ја потврдат својата улога како одговорна личност. Особено ако родителот сè уште не утврдил јасно дека има контрола, може да му изгледа речиси невозможно да го стори тоа кога детето ќе стане тинејџер.
Природно е тинејџерите да се спротивстават на родителската контрола…
Зошто е толку тешко да стекнете контрола над вашиот адолесцент? Една од причините е што тоа е периодот во развојот на детето кога тој се индивидуализира – создава идентитет одвоен од неговите родители. Децата го прават тоа така што ги одбиваат своите родители.
За време на адолесценцијата, децата се насочуваат кон своите врсници и мислат дека тие се единствените кои можат да ги разберат. Не сакаат да бидат покрај возрасни, особено не со возрасни кои им кажуваат што да прават.
Децата кои немаат драстични нарушувања во однесувањето генерално ќе им покажат на своите родители дека се противат на нивниот авторитет на релативно соодветен или полусоодветен начин. Нивниот начин на протестирање ќе се движи од „Престани да ми кажуваш што да правам!“ – до превртување со очи и демонстративно воздивнување секогаш кога од нив ќе се побара некое барање. Овој тип на протестирање не им годи на родителите и го тестира нивното трпение, но најчесто е безопасен и очекуван.
Но, има деца кои ќе ја изразат својата вознемиреност на многу понесоодветни начини. Таа ќе биде вербално навредлива, деструктивна или агресивна.
Четири области каде родителите мора да го имаат последниот збор…
Многу родители ги поттикнуваат своите деца да учествуваат во семејните одлуки и тоа не е погрешно, напротив. Не треба да заборавиме дека една од работите што родителите треба да го учат детето е да биде независно. Колку се понезависни децата, толку е поголема веројатноста да донесат одлуки кои ја зголемуваат веројатноста за успех во животот.
Исто така важно е независноста да биде тивко контролирана од страна на родителот. За да може детето да биде независно, мораме да му дозволиме самостојно да носи некои одлуки и да го охрабруваме да го прави тоа, но доколку родителите не ги одредат прецизно областите во кои можат да донесуваат независни одлуки, природно е децата да мислат дека имаат право на глас во се и сешто.
Родителите мора да го кажат последниот збор кога станува збор за безбедноста, здравјето, училишниот успех и подготовката за зрелоста. Тоа значи дека родителите одлучуваат дали и кога детето може да остане надвор до полноќ. Родителите треба да контролираат дали детето ги исполнило училишните обврски и каков е неговиот успех на училиште, како и кои обврски треба да ги исполнува дома.
Родителите се должни да се грижат за здравјето на своите деца. Тие ги носат одлуките затоа што се одговорни за тоа, и тоа е нивна родителска должност.
Децата можат самостојно да донесат одлуки што да облечат, каков филм да гледаат, дали да имаат долга или кратка коса или каква боја лак да изберат – се разбира, доколку сето тоа е соодветно за возраста.
Несомнено, на родителите не им е лесно да ја повлечат таа тенка граница помеѓу тоа да бидат шеф и да му дадат на детето доволно независност. Во овие односи постои природна тензија и затоа има толку многу конфликти меѓу родителите и децата на таа возраст. Децата сакаат да имаат контрола и сакаат независност. Тоа е природна потреба во текот на растењето, само родителите треба да внимаваат да не згрешат на што ќе попуштат.
Не дозволувајте вашето дете да ве вовлече во расправија…
Ако нема јасна структура и родителско овластување, тогаш родителите го имаат единственото средство на располагање – да викаат, да се расправаат или постојано да кукаат – сите работи што навистина не сакале да ги прават. Почнете од себе: никој не сака да живее со некој кој постојано вика, се кара и се жали, дури ни вашето дете.
Кога родителот ќе влезе во расправија со дете, тој автоматски го слабее неговиот авторитет. Детето почнува да го гледа како некој кој нема контрола и наскоро родителот нема да има начин како да насочува или да поставува правила во домот.
Затоа е важно да не влегувате во расправија со детето, бидејќи тогаш нема родители и деца – туку само двајца кои се расправаат. Во денешно време на родителите им е се потешко да го задржат својот статус, па мораат да се потрудат да го задржат својот авторитет.
Секако дека ќе има ситуации кога родителите ќе му се налутат на детето и нема ништо лошо во тоа, тоа е човечки и секому му се случува. Прашањето не е дали ќе му се налутиме на нашето дете? Прашањето е како да се однесуваме во ситуација кога сме лути?
Не е сè изгубено…
Ако родителот сфати дека не се однесувал како шеф и сака повторно да го воспостави својот родителски авторитет, мора да биде подготвен на фактот дека на почетокот ќе наиде на сериозен отпор од детето. Секоја промена во семејната динамика не е без проблеми. Морате да бидете подготвени дека детето ќе возврати бидејќи сака да ја задржи моќта и контролата.
Но, морате да бидете цврсти и свесни дека го правите она што е најдобро за вашето семејство. Бидејќи со колку повеќе алатки располагате, толку подобро ќе бидете опремени да воспитувате дете – и да бидете ефективен и грижлив шеф што му треба на секое дете.
Насловна фотографија: Sascha Grosser/Commons.Wikimedia





