Уметничката група Колектив Зеро за љубителите на постмодерната уметност деноввие го претставија својот проект-инсталација во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Изложбата ќе биде отворена до 29 октомври.
Од протозеро друштвото на почетокот на 80-тите произлезе „Колектив Зеро” (нула, ништо, безначајност), кое е формирано во 1985 година во ориенталниот амбиент и институциите на Старата скопска чаршија.

Колективот Ø – Зеро претставуваше парадигма за вонинстиуционално генерациско дејствување на македонската ликовна сцена. Нивниот иронично-критички уметнички став го означи методолошкиот и интерпретативен пресврт со раскинувањето на стереотипите на „големите модернистички наративи“. Преку интертекстуалноста, интермедијалноста, пародијата или субверзијата на историскo-идеолошките дискурси со различните стилски пристапи, групата стана препознатлив знак за македонската постмодерна.
Колективот Ø има хетероген состав и отворен карактер, но дејствува без програма. Со првата изложба беше најавена нивната ориентираност кон мултимедиумски истражувања и излегување од етаблираните норми во уметноста и сфаќањата, не без едно тегобно романтичарско чувство. Колективот Ø во своето дејствување оствари специфичен спој на западната и на источната уметност и духовна традиција (неоекспресионизмот, поп-артот, стрипот, графитите итн.). Заедничкото цртање и сликање даде свежи и впечатливи примери на надреалистички “автоматски ракопис”. Во сликите и муралите остварија сложена и послободна експресивна и декоративна структура. Хибридните ликови, форми и знаци се колажно или монтажно поврзани на неочекуван и инвентивен начин. Колективот Ø го помина патот од непризнавање (од т.н. “музејска критика”) до признавање од поширок круг публика и познавачи. За нив различноста значеше припадност кон една друга Европа – Une autre Europe, сознание добиено по 1990те години.

Проектот Nomen est Omen е рефлексија и визуелна реакција на претходно опишаното и актуелните случувања во Република Северна Македонија и пошироко..
Членови: Ацо Станкоски, Синиша Цветковски, Ибрахим Беди, Зоран Јаневски, Горанчо Ѓорѓиевски, Миодраг Десовски, Стеван Шашков, Сашо Јовчевски и Златко Трајковски (1960-2017).





