Црногорска „Декамерон“ во режија на Дејан Пројковски вечерва на РУТА во Драмски

Претставата „Декамерон“ во режија на Дејан Пројковски ќе гостува вечерва во 20 часот на сцената на Драмскиот театар во Скопје, во рамките на Фестивалот на регионални театри РУТА, што започна синоќа. Претставата е на Градско позориште Подгорица во копродукција со Народно позориште Ниш. Улогите ги толкуваат: Милош Пејовиќ, Сања Крстовиќ, Омар Бајрамспахиќ, Вања Јовиќевиќ, Душан Ковачевиќ, Маја Вукојевиќ – Цветковиќ, Павле Поповиќ, Евгенија Станковиќ, Уна Лучиќ, Стефан Вуковиќ, Драгана Јовановиќ, Лара Драговиќ и Драгиша Вељковиќ.

Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, драматуршките премиси се на Сашо Димоски, а драматизацијата – Стеван Копривица. Музиката е на Горан Трајкоски, костимите на Марија Пупучевска.

Чумата коси низ Европа, милиони мртви, годината е 1348, нема лек, надеж, утеха, нема рационално промислување. Социјалната изолација е единствениот начин да се преживее (преживување). Бокачо сместува во изолација група млади луѓе, кои ќе ѝ се спротивстават на болеста со раскажување приказни, уживајќи во животот и во подарените мигови на среќа во апокалиптичното опкружување. Кога Бокачо тоа го направил, нема причина зошто и ние да не го направиме во театарското читање на „Декамерон“, со цел да се обидеме да ги побараме заедничките именители на нашето време и средновековна Фиренца. Неверојатно е колку од мотивите се преклопуваат, колку симиларии има, колку има непотребно механицистичко и насилно преведување во сегашноста. Хумористичниот пристап, иронијата и апсурдот се поетични средства кон кои прибегнавме со цел да го одбраниме Човекот пред Болеста, Догмата, Глупоста и манипулативните понижувања.

Сергеј Светозарев

На прес-конференцијата во Драмски театар, екипата од двата театри ја сподели радоста од соработката со Пројковски и со македонските креативци. Младоста, во спој со искуството и многу фантазија направија да имаме убава претстава, истакнаа тие.

Сценографот Валентин Светозарев појасни дека се направени две идентични сценографии за изведбите во Црна Гора, Македонија и Ниш, така што во зависност од понатамошните изведби на претставата оној театар кој е најблиску ќе ја опслужува претставата во следните гостувања.

Марија Пупучевска

Костимите се на Марија Пупучевска. Таа го задржала современиот момент во костимографијата во комбинација средновековните елементи и актерите ги чувствувале како сопствена кожа.

Фото: Градско позориште Подгорица

Сподели