Ликовниот уметник Ѓорги Динев ја доби наградата „Владимир Георгиевски“

Младиот ликовен уметник Ѓорги Динев ја доби наградата „Владимир Георгиевски“ во сеќавање на големиот мајстор на ликовната уметност, што по 6. пат ја доделува Здружението за култура „Транзен“. Наградата ќе му биде врачена утревечер во 20 часот на отворањето на изложбата „Несовршен простор“ во Europe House Струмица. Ќе бидат претставени дела од Андреј Митевски, Трајче Чатмов, Синиша Новески, Тони Попов, Перо Георгиев, Марјан Стојаноски, Љупка Галазка Василев, Ване Костуранов, Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Ѓорги Динев, Вангел Срнаков, Озбек Ајваз и од Верица Арапова.

Наградата ја финансира и доделува семејството на професорот Георгиевски, а победникот беше избран во соработка со проф. д-р Фехим Хусковиќ.

Во образложението за наградата пишува:
„Делата на Ѓорги Динев се структурални, енформелни, навидум хаотични, но во нивната структура владее совршен распоред. Беспрекорна е ликовноста во композицијата. Неговото сликарство е симбиоза на графичките техники и сликарскиот јазик. Ликовните закони не се секогаш во хармонија со визуелните закони на природата. Ликовниот свет е автономен, независен и како таков тој содржи во себе посебни кодови на идентификација. Идентитетот на едно ликовно дело се потврдува преку отисоците и трагите од самиот автор, креаторот. Неговата целосна предаденост во процесот. Тие отисоци се видливи во делата на младиот уметник Динев. Самата техника е трансцедентна, некласична. Цртежот како да е изгребан во ѕид. А бојата е монохромна алхемија.“

Темата на овогодишната изложба е „Пукнатини“. Трагајќи по совршениот простор и пристап на ликовното дело, во концептот на изложбата ќе се бараат синхронизациите меѓу просторот во кој се создава и просторот во кој се изложува ликовното дело. Изложбата е поддржана од Делегацијата на ЕУ во земјава.

Сподели