„Од ѕид до платно“ – прва самостојна изложба на Дејан Давчевски во МКЦ

Првата самостојна изложба на уметникот Дејан Давчевски е отворена во Младинскиот културен центар во Скопје. Изложбата ги претставува промените што ни се случуваа во изминатите две години. Поминувајќи го времето дома, Давчевски го користи за да прикаже низ кои очи гледа одредени ситуации. Тој сета оваа промена ја гледа од позитивна страна, бидејќи секој од нас направил промена во својот живот, па така и тој се мотивира да создаде нешто и ја прави својата прва изложба.

Неговите апстрактни портрети се инспирирани од луѓето и нивните збунети погледи наоколу, сите со премногу немир и страв, во обид да прикаже чувства и емоции. Користењето на материјалите спреј и акрил е најчесто поради чистата плоха, која тие можат да ја создат. Најчесто позадината е чиста и едноставно претставена, бидејќи сака да ѝ даде внимание на самата композиција. Фасцинацијата од големите ѕидни површини и можноста што ја нудат е главната причина за големите формати на платната, па така инспириран од графитите и нивните можности за слобода, ги користи за својот ракопис да го престави на платно.
Дејан Давчевски (25) завршил на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел Ликовна педагогија, модул Графика, под менторство на проф. д-р Трајче Блажевски. Неговата уметност се врти околу графити-културата и урбаната уметност, често пати пресликувајќи мотиви од секојдневито. Најчести медиуми во неговото творештво се платното и ѕидот, па така наоѓа начин да ја искористи естетиката од графитот и да ја употребува на платно, бидејќи пристапот е сличен. Тој преку вештото комбинирање на едноставни геометриски форми прикажува појави што се многу познати за секојдневниот човек. Во однос на палетата на бои, се служи најчесто со основните бои за дa нѐ потсети од каде почнува сѐ .

Сподели