Пишува: Даница Среткоска, студент
Не знам од каде да почнам. Најдобро е од почеток, но, кој е почетокот твој, татковино? Ај нека се најде некој „паметен“ што може да го каже тоа, што може да ти го најде почетокот, да ти ги одреди границите. Дали си онаа на Александар, на Византија, на Отоманската империја, онаа на Првата балканска или можеби Втората? На Првата светска војна или на Втората? Можеби како Јужна Србија (Вардарска бановина), Македонија, или оваа денешнава?
Ој Македонијо, градска и социјалистичка, со судбина на периферија. Денес ми ти било роденден, така велат. Денес некоја Македонија полнела 32 години. Ама тоа е онаа старата, до пред некоја година, онаа на која ѝ ги одредија границите кога се оддели од Југославија, во (и не така) далечната ’91 година.
Македонијо, земјо со многу имиња, прекрасна природа, лош систем, безброј изроди, и, многу милиони испокрадени… среќен ти роденден. Роденден ќе славеше ако не ти го земеа лицето (знамето), ако не ти го сменеа името, ако не ни се смееше цел свет, ако не останевме безлични и небитни, ако, ако, ако…
Оф мори Македонијо. За некој беше мајка, за некој маќеа. Не знам кој ти ги додели тие улоги, ама децата на кои им беше „маќеа“ си заминаа и си заминуваат, а оние за кои си „мајка“ останаа при тебе за да можат да ти го земат и она малку што ти остана. Те продадоа и те обезличија.
О татковино, празна корицо. Те уназадија за навек. Од некогашна славна империја, дојде ред да ти плукаат на прагот, некои што до вчера беа дел од тебе. Те нема веќе во тревките, камењата не ти го шепотат името, дождовите одамна го измија напишаното име од дабот. И ти пак си остана проста земја од грч и од чекање и сè уште никој не те знае.
И не бе татковино, не си им ти виновна. Не им се виновни езерата, планините, реките, убавините. Таква ми ти била судбината, од една страна да те градат, од сто да те рушат. Извини за сè што ти направивме, навистина не заслужи. Не знам кај ти е душата, ако си некоја од ѕвездите горе на небото, продолжи да сјаеш дека овде доле, не успеа, не те оставија. Таму горе никој, ништо не ти може.
Среќен роденден татковино, каде и да си. Извини.





