Со предавањето „Во потрага по убавината на Палестина за време на окупација“ на Раед Саадех, во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје вечерва во 20 часот ќе почне вториот дел од 8. издание на Фестивалот за критичка култура КРИК што го органиизра „Контрапункт“. Година фестивалот се одржува на тема „Заробени во слободата – уметноста и заедницата“.
– За да се заштити континуираното постоење на Палестинците како окупирана нација и нивната политичка иднина и да се зачува нивното материјално и нематеријално наследство, од витално значење е да се бараат карактеристични елементи кои ги формулираат специфичните идентитети на овие потенцијални дестинации со културно наследство, каде туризмот може да се согледа како алатка за издржливост и развој. Идејата за потрагата по убавината на Палестина која е вкоренета во нејзината демографска, културна, еколошка и природна разновидност е од витално значење за народот чии корени и наративи се оспорувани и искоренети од израелската окупација. Ова предавање ќе се обиде да претстави пристап кон одржлива сензибилизација на специфичните културни идентитети на овие локалитети и методологија за селата, градовите и другите заедници, со цел да се формулира стратегија на одржливост и развој – велат од КРИК.

Раед Саадех
Раед Саадех е активист и застапник на туризмот во заедницата и зачувувањето на културното наследство во Палестина. Тој е поранешен претседател на арапската (палестинска) хотелска асоцијација. Тој е ко-основач и претседател на „Розана“ – здружние за конзервација на архитектонското наследство и развој на руралниот туризам, со седиште во Бирзеит. Саадех е, исто така, сопственик и генерален директор на хотелот Ерусалим, во Ерусалим, хотел за наследство, за кој тој ги направил концептот и дизајнот.
Првично обучен како машински инженер, Саадех дипломирал на Универзитетот „Сиракуза“ во Њујорк, па магистрирал на Универзитетот „Кејс Вестерн Резерв“, во Кливленд. Тој е ко-основач и член на одборот на „Палестинскиот уметнички суд“, член на одборот на Фондацијата за современа уметност „Мамал“, претседател на организацијата „Sunbula“ за фер трговија и развој на ракотворби и ко-основач и поранешен претседател на „Yabous Productions“ за изведувачки уметности. Неговите сегашни напори се фокусирани на развивање на концептот на туристички одбор на Алкудс/Ерусалим, кој е наменет да ги максимизира економските придонеси и придобивки на локалната заедница во Алкудс. Исто така, тој е и еден од главните лидери и ко-основач на „Мрежата за искуствени палестински туристички организации“, како и ко-основач и претседавач на „Palestinian Heritage Trail“.
Како и во последните неколку години, КРИК се одвива во неколку кластери низ годината. Тимот на КРИК го сочинуваат: Искра Гешоска, Артан Садику, Тијана Ана, Петар Милат, Станимир Панајотов, Наташа Гелева, Ѓорѓе Јовановиќ.





