„Имагинариум“ на Христина Мазнеска во МКЦ

Имагинариум“ е насловот на изложбата од Христина Мазнеска која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Таа ќе се претстави со 50-ина креативни колоритни илустрации за деца изработени помеѓу 2018 и 2022 година. Многубројните илустрации за деца се изработени во дигитален медиум (таблет за цртање и дигитален софтвер).

– Ингениозноста и сестраниот креативен потенцијал на Мазнеска најдобро се одразуваат преку нејзиниот разновиден сликарски и илустраторски творечки опус. Како резултат на успешната и плодна соработка меѓу авторите од разни земји (САД, Канада, Австралија, Велика Британија и Бугарија) и Мазнеска, произлегуваат многубројни раскошни и разиграни дигитални илустрации коишто на невините детски умови визуелно им ја пренесуваат убавината на светот и ги подучуваат на моралните доблести – велат од МКЦ.

Христина Мазнеска (Прилеп, 1995) е мултимедијална уметница која работи во доменот на визуелните и применетите уметности. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во класата на проф. Жанета Вангели на отсекот сликарство со модул графички дизајн. Имала четири самостојни изложби во земјава и учествувала на повеќе од триесет групни изложби и креативни работилници.

Од 2018 година работи како илустратор на многубројни креативни проекти. Досега има илустрирано и дизајнирано десетина странски книги за деца, меѓу кои се: Before It’s Too Late, Mother Earth why are you crying?, Superhero Identity: Your Quest To Discovering Your Superpowers and Forming an Unstoppable You, Molly’s Song и „Осмото кралство. Како уметник работела и на четири видеоигри.

Сподели