„Домаќинство за почетници“ на Столевски ќе се гледа и во американските киносали

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“ од Скопје ќе биде дистрибуиран на територија на САД, преку компанијата „Фокус фичрс“. „Јуниверзал пикчрс“ ќе биде интернационален дистрибутер на филмот за останатите територии, додека продажните агенти на филмот „Њу Јороп филм сејлс“ од Полска ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.

Веста за склучените договори за дистрибуција на филмот доаѓаат пред неговата светска премиера, која ќе се одржи на 6-ти септември 2023 година, на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција. „Домаќинство за почетници” ќе биде дел од натпреварувачката програма „Хоризонти“ и ќе биде во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.

Ова е третиот долгометражен филм на режисерот Столевски и прво негово македонско мнозинско остварување. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ беше премиерно прикажан на „Санденс филм фестивал“ во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни” (Of an Age) го отвори Меѓународниот фестивал во Мелбурн. И двата филма беа интернационално дистрибуирани „Фокус фичрс“ и „Јуниверзал пикчрс“.

Focus Features е дел од Universal Pictures, и е компанија за филмска продукција и дистрибуција, чиј фокус при дистрибуцијата се независни и странски (не-англиски говорни) филмови во САД и на меѓународно ниво. Focus Features и Universal Pictures заедно се дел од NBCUniversal, една од водечките светски компании за продукција, маркетинг, забава, вести и информации за глобална публика.

„Домаќинство за почетници” е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, а продуцент на филмот е Марија Димитрова од Лист продукција – Скопје.

Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” (2007) на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Северна Македонија. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Северна Македонија и Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Северна Македонија.

Македонски автори кои работеа на филмот се Горан Столевски, кој покрај тоа што е режисер, се појавува и во улога на сценарист и монтажер, Наум Доксевски – директор на фотографија, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александра Чевреска – арт директор и Горан Игњатовски – маскер.

Филмот дополнително е поддржан и од Полскиот филмски институт, Филмскиот центар на Србија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косовскиот кинематографски центар. Останатите партнери се: Madants (Полска), Kinorama (Хрватска), Sense Production (Србија), Industria Film (Косово), Tango (САД), Film I Väst и CommonGround Pictures (Шведска), Causeway Films и Adelaide Film Festival (Австралија).

Сподели