Петра Селишкар: Посебно се радувам што премиерата на „Тело“ е во Сараево

Регионалниот, особено балканскиот документарен филм, во последните 10-ина години многу напредуваше, особено ако ги гледаме успесите на „Медена земја“, „Другата страна на сè и други, што се прикажани на многу повеќе фестивали од играни филмови, ама за жал, централниот фокус сè уште е на играниот филм.

Филмот „Тело“ на Петра Селишкар вечерва ќе ја доживее својата светска премиера на 29. Фестивал во Сараево. Трогателната приказна на Уршка Ристиќ, жена со многу таленти која се бори со неколку автоимуни болести и нејзината борба низ животот, „Тело“ на 21 август ќе може да го видиме и во Скопје на Фестивалот „Македокс“. Петра Селишкар (родена 1978 г. во Љубљана) е режисерка, продуцентка и сценаристка. Има способност јасно да ја види суштината во скриените  детали, а преку нив и суштината на уметноста, културата, природата и сите аспекти на животот. Сите нејзини филмови се наградувани на важни фестивали што ја ценат докуметнаристиката: „Бабички на револуцијата“ (2006), „Мама Европа“ (2014), „Мојот превртен свет“ (2016) и „Збогување“ (2020).

Како дојдовте до идејата за филмот „Тело“ и каде ја запознавте Уршка?

– Се сретнавме во кафе-бар во Љубљана кога имавме по 16-17 години. Таа веќе работеше како келнерка и го имаше напуштено домот. И двете учествувавме во експериментално театарско училиште и токму таму кликнавме. Таму исто така беше и Тита, што се појавува во филмот. Трите бевме многу блиски, со оглед на тоа дека растевме во многу измешани, комплицирани семејства. Бојкотиравме со нашите чудни фризури и трансгресивни облеки, буквално врескавме по внимание, зашто повеќе сакавме да бидеме нападнати и зборувавме за болните работи што ги искусувавме дома. Тоа е веројатно причината зошто се поврзавме толку многу и сè уште сме така поврзани. Но, тинејџерските години за Уршка беа особено тешки.

Kако се одвиваше снимањето? Филмот е работен во распон од речиси 20 години.

– Филмот користи приватна архива во период од 30 години. Ја користевме архивата од тој период во нашиот филм. Кога Уршка прв пат дојде со Зоја во Македонија во 2005 година, тоа беше со цел да избега од Словенија и од нејзините проблеми, па отидовме до Преспанско Езеро за да се релаксира. Таа сакаше да остане една недела и испадна да остане речиси два месеца! Таа ги остави сите нејзини проблеми зад неа, пред тоа таа живееше со Зоја во студентски кампус како самохрана мајка.

По пливањето во Преспа, Уршка доби инфекција и се врати назад во Љубљана. Поминаа неколку недели и тогаш се јави сестра и на Уршка за да ни каже дека таа е во кома шест дена. Сцените во Преспа беа снимани само две недели пред тие од љубљанската болница.

Мислам дека сфатив дека би можела да снимам филм кога почна да оди повторно откако беше хоспитализирана првиот пат. Јас постојано ја молев да продолжам да снимам, ама таа одбиваше. По нејзиниот втор колапс, пет години подоцна, во еден момент таа одеднаш ми се јави на телефон и ја слушнав како свири пијано. Беше толку среќна што можеше да свири повторно, таа ме покани кај неа за да снимам. Таа сфати дека снимањето на филмов беше исто така вид терапија за неа, дека тоа ќе и помогне да сфати што е тоа што и се случило. Тоа беше клучниот момент кога знаев дека имаме филм.

Каква е врската на Уршка со Преспа?

– Водата и Змискиот остров имаат многу симболични елементи. Но, најважната врска е водата. Водата е многу важен елемент во филмот – филмот почнува и завршува на Преспанското Езеро, во распон од 15 години.
Сакавме да и’ се вратиме на Преспа, зашто Уршка долго време се плашеше од тоа. Тогаш за прв пат пред камера ми рече дека сакала да се самоубие. Не знаев. Еден ден таа отиде да плива до островот и се врати што е 7.5 км. Таа е пливачка и нејзината врска со водата изгледа многу природна, се чини како тоа да ја чисти. Но, всушност, водата постојано ја повлекува надолу додека не стигне до островот. Тоа е многу симболично, но тогаш не ја гледав јасно таа врска. Нејзината потсвест, семејните проблеми, нејзината сексуалност: сето ова ја влече надолу, ја дави. Оваа темна езерска вода всушност ја симболизира нејзината болест, се додека не стигне до островот, што на некој начин ја помирува со сите овие проблеми. Таа најде внатрешен баланс таму и кога плива назад, нема темнина, ја снимаме само на површината, со птици што летаат одозгора.

За мене, водата значи и болест и нејзината потсвест што ја тоне, но, од друга страна, кога се отвора пред мене пред камерата, таа се ослободува од сите ужаси и, на некој начин, се самолекува. Тоа можеби звучи претерано, но тоа е факт е дека оттогаш, таа е комплетно здрава. Таа сè уште чувствува последици од сите силни лекарства што морала да ги прима како терапија со години и кога ја прекина хемотерапијата, таа сфати дека нејзиното тело не е повеќе тоа што беше и никогаш повеќе нема да биде такво. За жена, ова е тешко, но таа го има прифатено тоа, таа преживеа и ќе продолжи да живее.

Ви значи ли што филмот ќе има светска премиера токму во Сараево?

– Сараево за мене е посебно драг град, зашто имав прилика да го посетам во 1996 година со мојата драга пријателка, што замина да види дали останало нешто од нејзиниот стан после војната. Имавме 17 години и мислам дека таа посета на Сараево ќе ми остане во срцето до крајот на животот. Го памтам, се разбира, срушениот град без прозорци и луѓе што го славеле животот, мислам дека никогаш не сум доживеала нешто слично. Во Сараево се вратив на концертот на У2 и подоцна на СФФ со моите филмови „Баби на револуцијата“ во 2007 година и „Мама Европа“ во 2014-та, но посебно се радувам што нашиот филм „Тело“ ќе биде премиерно прикажан на фестивалот, зашто пријателството меѓу мене и мојата протагонистка Уршка почнува баш во тој период, распадот на Југославија и нашиот тинејџерски револт што почнува за време на војната и трае цело наше растење.

Мислам дека Сараевскиот филмски фестивал е најважен во регионот. Рада Шешиќ направи одлична селекција, но морам да констатирам дека документарниот филм не е во центарот на фестивалот како што е се почесто случајот со останатите фестивали од А-категорија. Регионалниот, особено балканскиот документарен филм, во последните 10-ина години многу напредуваше, особено ако ги гледаме успесите на „Медена земја“, „Другата страна на се“ и други, што се прикажани на многу повеќе фестивали од играни филмови, ама за жал, централниот фокус се уште е на играниот филм и мислам дека е време и фестивалот во Сараево да го посвети истиот третман во смисла на проекции на отворено за документарниот филм и со тоа да се покаже дека е добар, без разлика на жанрот. Во регионот имаме многу добри документарни фестивали, ама важно е сите добри филмови да добијат ист третман.

Што е за Вас документарниот филм?

– Случајно, мислам дека е најтежок филмски род и ми е предизвик. Најтежок затоа што не можеш да имаш контрола врз него и немаш толку фантазија колку што вистинскиот живот може да биде креативен, но прашање е дали можеш да направиш филм од тоа. Секогаш кога почнувам со идеја за филм, искрено не можам да знам каде ќе ме однесе филмот и каков тој ќе биде. Секој мој филм е различен и се радувам кога откривам нов јазик и нови начини на раскажување на една приказна. Секој филм е тешко да се направи, па и најлошиот филм не е лесен.

Публиката и во Скопје ќе може да се запознае со вашето дело. Колку е важно за еден режисер да има контакт со публиката?

– Едвај чекам „Тело“ да се прикаже на „Македокс“, нормално, надвор од конкуренција, во прекрасниот Куршумли ан, нашиот кинодом. Правиме филмови за публика, не за себе. Филм без публика е страшна работа. Мислам дека треба уште повеќе да се работи на дистрибуцијата за да допре до публиката.

Колку Словенија вложува во документарниот филм? Може ли да го споредите ова во двете земји?

– Не доволно! Но, во последните години почна да се менува малку односот кон документаристиката. Во рамките на Друштвото на режисери и режисерки, почнавме документарна работилница „Документарница“, со поддршка на Словенечкиот филмски фонд, кој почна да вложува повеќе пари во развојот на документарните проекти, но за жал, немаме голем фестивал на документарци како во Македонија. Дистрибуцијата на документарните филмови е лоша и има малку автори посветени на него. Не е се поврзано со средствата, треба повеќе внимание и кон развојот на проектите, посветеност во промоцијата и дистрибуцијата на истите.

Подготвувате ли нов проект периодов?

– Да, ја привршуваме монтажата на новиот филм „Долината на Шарко“, кој е словенечко-македонско-француска копродуцкија. Снимен е на Солунска Глава. Филмот ќе го гледаме во 2024 година, се надевам. Подготвувам и документарен филм „Торзото на старите мачки“ и сценарио за играниот филм The Earth Fart.

Сподели