Шведски документарци од вечерва до 15 август во Кинотеката

За љубителите на филмската уметност амбасадата на Шведска во соработка со Кинотеката на Македонија од вечерва во 20 часот до 15 август подготви интересна програма на шведски документарни филмови. Ревијата ќе биде отворена со „Предрасуди и гордост – шведски филмски квир“ од Ева Белинг, а ќе следуваат: „Историја – конци за Сами“ на Томас Џексон, „Децата на непријателот“ на Горки Гласер – Милер, „Хор – една приказна за госпел хорот Тенста“ на Аманда Пешикан и „Сабаја“ на Хогир Хирори, на затворањето на 15 август. Сите проекции почнуваат во 20 часот.

Секој од филмовите на репертоарот на неделата на шведски документарни филмови ве носи на едно поинакво кинематографско патешествие: почнувајќи со еден времеплов низ богатата историја и застапеноста на квир и транс заедницата во шведската кинематографија, преку фасцинантно патување низ историските настани и митолошките слики на Сами (Лапонците) исткаени заедно со проблемот на климатските промени и како тие го загрозуваат денешното одгледување ирваси, а со тоа и постоењето на културата на Самите, на репертоарот се вклучени и еден извонреден музички документарец за госпел хорот во едно од најсекуларните општества, кој третира прашања за човечката потреба за заедништво и духовност, како и две документарани приказни кои го третираат озлогласениот затворски логор Ал Хол во Сирија, едната за трагичните судбини на „децата на непријателот“ како што ги нарекуваат децата на двајца убиени припадници на ИСИС кои по убивањето на нивните родители завршуваат во логорот, и борбата на нивниот дедо да ги спаси оттаму, и втората за обидите да се спасат жените и девојките Јазиди заробени во истиот тој логор.

Дознајте повеќе за филмовите, на следниот линк.

Сподели