Под мотото „Неопходна убавина“ од 14 до 17 август во Струга ќе се одржи 7. издание на фестивалот на краток филм Drim Short 2023. Фестивалската програма и годинава ќе биде распределена во четири фестивалски денови. Филмовите ќе се натпреваруваат во регионална, интернационална и студентска категорија и специјалната програма „Соочување со минатото“, во селекција на режисерот Иван Бакрач. Мастеклас ќе одржи реномираниот ирански режисер Али Ашгари.
Покрај натпреварувачките програми, фестивалот ќе ја претстави специјалната програма MK Special чија цел е промоција на македонскиот филм и младите македонски автори. Гостинските програми оваа година се плод на соработка со DocuFest од Косово и Sarajevo Film Festival од Сараево. Оваа година, во соработка со „Еко-свест“ ќе биде претставена и ревијална програма на тема екологија и заштитата на животната средина.
– Ако филмот е естетска креација, плод на колективен уметнички труд од различни умови, тогаш фестивалот е естетско-тематски собир, плод на подредувањето во универзумот кое овозможува многу различни умови, својот колективен труд наречен филм, да го презентираат на исто место, во исто време, создавајќи момент на магична илузија. Кога светот е во опасност, убавината ќе го спаси. Кога реалноста натежнува, неопходна е убавина. Со нашето 7. издание, под мотото „Неопходна убавина“ ќе посакаме нашиот фестивал да биде само еден од многуте културни блесоци кои денес ни недостасуваат – велат организаторите на фестивалот.
Во рамките на едукативниот дел, мастеклас ќе одржи реномираниот ирански режисер Али Ашгари. Ќе бидат одржани две дискусии – на тема „Соочување со минатото“ во соработка со Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот. Втората дискусија во соработка со „Еко-свест“ ќе биде на тема заштита на животната средина и пред се Охридското Езеро, а ќе учествуваат екологисти и преставници на институциите.
Drim Short Film Festival по втор пат ќе биде домаќин на работилницата за краток филм Fund Ready, како дел од регионалната мрежа на фестивали за краток филм Balkan Short Film Network.
Во музичката ОФФ програма ќе гостуваат „Фолтин“, а фестивалот ќе биде затворен со диџеите Diah и Бодан Јамакоски.
Целосната програма е на линкот.





