Средната оценка од двата екстерни испита на државната матура за учебната 2020/2021 година изнесува 3.61. Ова денес на прес-конференција го соопшти директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Елизабета Наумовска. Оваа средна оценка е за 0.31 подобра од ланската, кога просечната оценка изнесуваше 3.48.
Околу 15.300 матуранти ги полагаа двата екстерни испита. Преведено во оценка, резултатот од оваа матура е многу добар (4) за разлика од предминатата година кога оценката беше добар (3).
– Тоа покажува дека матурантите, и покрај отежнатите услови, успеале да постигнат повисоки резултати и покажале дека тоа е возможно и со онлајн-наставта. Притоа посочи дека на оваа генерација матуранти им било излезено во пресрет, зашто полагале по скратени испитни програми – рече Наумовска.
Таа истакна дека голем дел од учениците што полагале англиски јазик препишувале цели текстови или делови од текстови од интернет. Наумовска рече дека чека извештај за полагањето на англиски јазик.
– Би сакала да посочам, секогаш сопствените знаења и сопственото изразување дали на мајчин јазик или на странски јазик, треба да биде приоритет за сите матуранти. Можеби некогаш полошо ќе се изразат, ама препишувањето, копирањето на цели текстови од интернет особено на англиски јазик не е дозволено и тука оценувачите беа строги – кажа Наумовска.
Од испитот по македонски јазик и литература просечната оценка е 3.93, а полагале 10.647 матуарнти (во 2019: оценката била 3.69). Албански јазик и литература средна оценка е 3.59, (во 2019: 3.85); турски јазик и литература постигната е средна оценка 3.57 (во 2019: 3.73), средниот успех по англиски јазик е 2.82 од 13 033 што полагале (во 2019 успехот бил 3.07); француски јазик полагале 31 ученик и постигнале просечна оценка 4.58, а пред две години успехот бил 4.61; германски јазик полагале 135 со средна оценка 4.56 (во 2019 е постигната 4.41), руски јазик полагале 18 матуранти и е постигната перосечна оценка 4.78 за разлика од 4.07 во 2019 година.
Математика полагале 1510 матуарнти и постигнале среден успех од 4.07, што е подобро од 2019-та кога е постигнат 3.66. Во уметничките училишта вториот екстерен беше филозофија односно естетика. Филозофија полагале 13 матуранти и е постигната средна оценка 4.23 (во 2019 успехот бил 3.89) и естетика полагале 63 и постигнале просечна оценка 4.03 за разлика од 4.38 пред две години.





